Германските власти запленија 77 станови и куќи во Берлин, вредни 9,3 милиони евра, во масовна акција против арапска криминална група.

Обвинителот Јорг Раупах изјави дека 16-члената криминална група, составена пред се од Либанци, перела пари преку недвижностите во Берлин.

Се претпоставува дека парите потекнуваат од грабеж на банка во 2014 година, кога биле украдени 9,16 милиони евра. Еден од членовите на групата бил осуден за грабежот, но парите никогаш не биле пронајдени.

Сомнежот на германските власти бил побуден кога роднини на уапсениот почнале да купуваат имот на периферијата на Берлин иако живееле од социјална помош.

Групата се поврзува и со грабежот на огромна канадска монета направена од 100 килограми чисто злато, која лани беше украдена од германскиот музеј Боде.