Новата политичка партија, која се противи на рестриктивните мерки против коронавирусот, неочекувано постигна успех на покраинските избори во Австрија и влезе во парламентот со повеќе од шест проценти од гласовите, покажуваат првите изборни резултати.

Партијата „Луѓе, слободи, основни права“ (МФГ), основана во февруари како одговор на одлуките за воведување мерки за борба против епидемијата, водеше кампања за изборите во Горна Австрија, главно преку социјалните медиуми.

Активистите на оваа партија не веруваат во ефикасноста на вакцината и се противат на секоја обврска за вакцинација. Основачот на партијата поднесе тужби до Врховниот суд за поништување на законот, кој го оцени како „убиство на слободата“.

Австрија постепено ги заострува здравствените дозволи што ги воведе минатата пролет. Од октомври, само вакцинираните луѓе и оние кои го прележале вирусот ќе можат да влегуваат на стадиони и големи сали за настани во Виена.

Невакцинираните луѓе нема да можат да дојдат, дури и со негативен тест. Анкетата покажува дека половина од невакцинираните гласачи гласале за екстремно десничарската ФПО и една четвртина за МФГ.

Австрија, каде што нешто повеќе од 60 проценти од населението е целосно вакцинирано и е една од најбогатите земји во светот, бавно напредува со вакцинацијата.

Овој застој, конзервативниот канцелар Себастијан Курц го препишува на поддршката што ФПО им ја дава на движењата кои се сомневаат во постоењето на коронавирусот и веруваат во теории на заговор.