Австралискиот таблоид „Дарвин“ се пошегува денес на сметка на паниката предизвикана од ширењето на новиот коронавирус и големата набавка на тоалетна хартија со објавување празна страница во неговиот број наменет за читателите доколку итно им е потребна тоалетна хартија.

– Имаме објавено неколку празни страници во средината на таблоидот. Овие страници лесно се одвојуваат, така што можете да ги користите во итни случаи – пишува во весникот.

Во Австралија се пријавени 55 случаи на вирусна пневмонија. Многу граѓани почнаа да складираат тоалетна хартија. Не помагаат ниту апелите на надлежните кои се обидуваат да ја смират ситуацијата убедувајќи ги граѓаните дека не им се заканува никаков недостиг на тоалетна хартија, како и дека најголемиот дел од тој производ во земјата е од локално производство.

Поради таквата состојба, полиците се целосно испразнети во некои продавници, а некои трговци одлучија да ја ограничат максималната количина хартија што може да се набави одеднаш на четири пакувања.

Хистеријата, пишува Би-би-си, отиде толку далеку што и полицијата мораше да реагира во средата, откако се случи пресметка меѓу купувачите на тоалетна хартија во која еден извадил нож.

Од друга страна, желбата за овој производ, исто така, поприми бизарни форми. Така, ролни од тоалетна хартија се продаваа за повеќе од сто долари на интернет, беа регистрирани бројни случаи на кражби од јавни тоалети, а некои радиостаници во наградни игри делеле ролни трослојна хартија. Производителите, пак, задоволно најавија 24-часовно производство.

Исто така се вели дека проблемот не е единствено во Австралија – слични сцени се забележани во Сингапур, Јапонија и Хонгконг, а манијакалното складирање се случува и во некои делови на Соединетите Држави. Во Хонгонг имало дури и вооружен грабеж на хартија.