Откако тунискиот претседател ја прекина работата на парламентот и го разреши од должноста премиерот, по насилните протести предизвикани од наглиот пораст на бројот на новозаразени со коронавирусот и лошата економска состојба, припадниците на туниската армија ја опколија зградата на парламентот и го спречија претседателот да влезе.

Демонстрантите, кои претходно се судрија со полицијата, ја поздравија одлуката на претседателот Каис Сајед, извикувајќи го неговото име и веејќи државни знамиња, но критичарите го обвинуваат за преземање на власта и загрозување на кревката демократија во Тунис.

Сајед го укина имунитетот на сите членови на парламентот и најави дека наскоро ќе назначи нов премиер, со цел да се врати социјалниот мир во земјата.

Тој употреби посебна уставна мерка што му овозможува да ја преземе извршната власт и да ја замрзне работата на парламентот на неопределено време додека не се овозможи повторно нормално работење на институциите.

– Ја донесовме оваа одлука, која ќе биде на сила сè додека социјалниот мир не се врати во Тунис и додека не ја спасиме земјата – рече Сајед во телевизиското обраќање.

Економијата во Тунис е во криза со години, а земјата неодамна повторно воведе блокада поради сериозното ширење на вирусот.