Секоја сабота, камион полн со флаширана вода пристига во селото Орловске, во близина на фронтот во источна Украина. Жителите честопати влегуваат во расправии за пристапот до водата, а истовремено стравуваат дека доставата на чиста вода за пиење наскоро сосема ќе секне, пренесува „Еуроњуз“.

Селото, оддалечено седум километри од фронтот, како и многу други села, е изолирано и не е поврзано со цевки за гас и вода, што претставува колатерална штета од војната и недостатокот на инвестиции.

– Секој ден ги слушаме пукањата, нашите куќи се тресат. Стравуваме дека војната повторно ќе дојде кај нас – вели еден жител на селото.

Орловске има пумпа со која селаните пумпаат вода, но таа не е доволно чиста за пиење. Сепак, селаните понекогаш ја пијат откако ќе останат без питка вода.

– Ситуацијата овде е уникатна. Големите градови се концентрирани околу области со многу јаглен, но со малку вода, што ги прави зависни од достава на вода – вели Себастијан Труфо, директор за вода, санитација и хигиена во УНИЦЕФ Украина.

Во близина на фронтот има мрежа од 12.000 километри водоводни цевки. Водоводот честопати се расипува бидејќи цевките и опремата се од 50-тите и 60-тите години на минатиот век, а војувањето на фронтот ги отежнува поправките. Згора на тоа, водоводџиите стравуваат за нивните животи.

– Водната инфраструктура и водоводџиите редовно се подложени на напади, што влијае на снабдувањето во регионот и го лишува населението од правото на пристап до вода за пиење – вели Труфо, кој посочува дека девет водоводџии веќе биле убиени во војната.

Друг проблем се нагазните мини, како и опремата со која водоводџиите се служат, односно старите камиони кои личат на воени камиони во очите на завојуваните страни. Затоа, тие се принудени да се служат со помали возила.

– Војната го отежнува справувањето со проблемите. Водостопанските компании се во огромни долгови кон електрокомпаниите. Постојат проблеми со бирократијата и од двете страни. Сепаратистите во Донбас се сомневаат и ни даваат минимални информации потребни за работење. Додека оваа ситуација трае, водоснабдувањето и пристапот до чиста вода се изложени на ризик.

Иако УНИЦЕФ и нејзиниот партнер „АДРА“ обезбедуваат чиста вода до градот Адвијивка, во близина на фронтот, програмата наскоро ќе биде затворена поради недостаток од средства.

– Ве молам, не престанувајте да испраќате вода. Таа ни е неопходна. Водата во градот е со темна и кафеава боја. Ние се обидовме да ја прочистиме и филтрираме, но стравуваме што би ни се случило доколку почнеме да ја пиеме – вели 85-годишната Ина Шлјахова од Авдијивка.

Од 2014 година, „АДРА“ достави 2,5 милиони литри чиста вода за пиење до Авдијивка.