Коментар на Нику Попеску

ЕЦФР

Азербејџан и Ерменија во последните дваесет години од „смрзнат договор за прекин на конфликт“ преминаа во ера на војна за постепено расцепкување, поточно предизвикување на мали конфликти, со цел да се извлечат дипломатски придобивки или дел по дел да се врати територијата која претходно паднала во рацете на непријателот. Нагорно-Карабах повторно врие. Една од заборавените пост-советски војни е потсетник дека сè уште не е завршена. Во последните шест години, фреквенцијата и бројот на жртви што резултираат од судирите меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион експоненцијално се зголеми. Некои од овие судири, како оние во 2016 година или оние што сега се случуваат, се претворија во мини-војни кои траат неколку дена, а во нив загинуваат неколку стотици жртви. Еден од најзагрижувачките аспекти на мини-војните е што тие сигнализираат бавна, но незапирлива тенденција кон новата ера на непријателски односи меѓу Азербејџан и Ерменија.

Разгневен што преговорите целосно се во застој со години, Азербејџан сè повеќе се вртеше кон воените операции за да бидат слушнати неговите барања. Во поголем дел од 2000-тите години, поттикнат од зголемените нафтени приходи, Азербејџан започна силно да се вооружува. Неговата стратегија е да ја промени рамнотежата на моќта и да го сруши статус-квото. Државата отворено порача дека ќе го искористи правото да ги поврати териториите со помош на воени средства ако пропаднат преговорите кои веќе над две децении не успеваат.

Сепак, стратегијата на Азербејџан не е да започне голема војна чиј исход е непознат. Друг воен пораз ќе го осуди владејачкото семејство во државата. Напротив, Азербејџан има цел да води повеќе војни за постепено расцепкување. Една цел на овие војни е повторно враќање на барем одредена територија, рид или село. На овој начин ќе ги оправда своите цели пред азербејџанскиот народ. Втората цел е да се зголеми притисокот врз Ерменија, по цена и да не успеат операциите за враќање на територии, на тој начин што ерменските лидери ќе бидат ставени во тесно и ќе бидат извлечени отстапки на преговарачката маса.

Во пракса, меѓународната заедница не може многу да стори, освен да го промени ставот од чесно посредништво до поагресивни напори за да се натераат Азербејџан и Ерменија да постигнат компромис добиен со дипломатски и економски притисоци врз нив. Европската Унија повторно изгледа беспомошна, соочувајќи со уште еден конфликт во соседството за кој малкумина се заинтересирани што имаат Европејците да кажат. САД можеби се повлијателни, но не премногу.

Постојат мали шанси дека ќе заврши циклусот на конфликти во Нагорно-Карабах. Сегашниот ќорсокак не е доволно штетен за да ги натера Ерменија или Азербејџан да бараат компромис. Странските сили нема или не можат вистински да ги натераат страните значајно да ги променат нивните пристапи во конфликтот. Актуелните борби во Нагорно-Карабах нема да бидат последни. Речиси е неизбежно дека ќе следат други војни меѓу Ерменија и Азербејџан во блиска иднина. Исходот на тие војни ќе биде промена на рамнотежата на моќ каде што Ерменија ќе биде принудена на компромиси на преговарачката маса или Азербејџан нема да успее да добие отстапки или територија. Тогаш, војските на државите ќе им дозволат на дипломатите да го преземат кормилото во она што се нарекува „мировен процес во Нагорно-Карабах“. Но тоа нема да се случи барем без неколку војни за постепено расцепкување во наредните неколку години.