Бајден ја одобри првата значителна воена акција во неговиот претседателски мандат

Наредбата на американскиот претседател Џо Бајден за спроведување на воздушни напади врз Сирија разгори нови расправи за воените овластувања на американскиот претседател, со што на Капитол Хил веќе е изразена загриженост за воената акција изведена без претходно одобрување од американскиот Конгрес, пишува „Форин полиси“.

Бајден завчера ги одобрил нападите врз милициите во источна Сирија кои се поддржани од Иран, со што ја спроведе првата значителна воена акција во неговиот претседателски мандат. Речиси веднаш потоа, демократските законодавци почнаа да ја притискаат Белата куќа за одговори за законските оправдувања врз основа на кои се извршени нападите, отворајќи прашања за уставните воени овластувања на америкаснкиот претседател, кои беа главно прашање и во битките на претходниот американски претседател Доналд Трамп со Капитол Хил за надворешната политика.

– Длабоко сум загрижен дека воздушните напади на американските сили врз Сирија ја ставаат нашата држава на патеката за продолжување на вечната војна, наместо да ја завршиме. Ова е истата патека на која се наоѓаме во изминатите речиси две децении. Предолго администрациите од двете партии ги толкуваат нивните овластувања на екстремно експанзивен начин, за да ги продолжат воените интервенции на Блискиот Исток и на други места. Ова мора да заврши – кажа сенаторот Берни Сандерс во неговата изјава.

Одговорот на Бајден на пристисокот од Капитол Хил, ќе претставува важна назнака за тоа како ќе ги менаџера односите со Конгресот и дали ќе го прифати притисокот од сопствената партија за надворешната политика. Белата куќа соопшти дека Бајден ги брифирал претставниците на Конгресот за акцијата, како и дека ќе има „потполн класифициран брифинг следната недела“.

За време на четиригодишниот претседателски мандат Доналд Трамп во повеќе наврати се одбрани од обидите на законодавците за ограничување на претседателските овластувања да извршува воени акции без одобрување на Конгресот.