Ердоган и Путин ќе бараат начини како да ги закопаат секирите

Најавената средба меѓу Путин и Ердоган се очекува да го определи исходот од опасната геополитичка игра во Сирија. Таа може да не даде резултати, но може и да ги регулира односите меѓу двете сили, како што беше случајот по соборувањето на рускиот авион во 2015 година. Тогаш многумина најавуваа турско-руска војна, но наместо конфликт следуваше период на соработка

Русија и Турција драматично ги влошија односите поради ситуацијата со сирискиот конфликт. Довчерашните прагматични партнери сега се обвинуваат за кршење на постигнатите договори за Сирија, а светот гледа како двајцата лидери, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, ќе одговорат на тензиите и дали ќе успеат да ги закопаат секирите. Путин и Ердоган еднаш веќе го сторија тоа по соборувањето на рускиот авион од страна на турските сили во 2015 година, кога многумина тврдеа дека руско-турска војна е неизбежна.

Ердоган изминатиот период успеа да ги постигне своите цели во Сирија, освојувајќи ги северните погранични области и исфрлајќи ги курдските сили од нив, нагласува „Геополитика“. Прашањето сега е зошто тој толку ризикува со новите воени авантури против армијата на сирискиот претседател Башар ал Асад, чиј најголем сојузник е токму Русија. Москва е воздржана, но постојано укажува дека нејзиното трпение има граници. Нејзината најнова порака е дека Русија не може да ја гарантира безбедноста на турските авиони над Сирија.
Ердоган веќе неколку дена најавува средба со Путин, која Кремљ ја одбиваше, но неделава беше објавено оти двајцата лидери ќе одржат состанок на 5 март или 6 март во Москва, на која ќе разговараат за Сирија. Од Кремљ нагласија оти разговорот ќе биде „многу сложен“. Фактот што не е прецизиран точниот датум на средбата, побарана од Ердоган, само укажува на сложеноста на проблемот.

Според „Геополитика“, Путин има две опции за Сирија – да ја прифати воената интервенција на Турција, заедно со сите ризици и последици од таквата одлука (што нема да го стори), или да побара од Ердоган да ги прекине сите турски воени операции и да прифати политички договор за Идлиб. Во втората опција, главното прашање е како да се најде рамнотежа што би обезбедила зачувување на руските интереси поврзани со владеењето на Асад и со руската алијанса со сириската армија. Од друга страна, таа би требало да овозможи зачувување на угледот на Ердоган пред домашната и исламската јавност воопшто, која со интерес ги следи неговите надворешнополитички потези и соодветно ги оценува како „херојски“ или како „ирационални“.
Русија, веројатно, нема да се впушти во директен воен конфликт со Турција во Сирија, која како нејзина соседна земја има голема логистичка предност. Такво нешто не сака ниту Турција, иако Вашингтон политички ја поддржува и ја охрабрува во воените авантури кон нејзиниот јужен сосед. Турција е повеќе од свесна за големината на руска воена моќ. Спротивно, Ердоган ниту би барал средба со Путин, ниту би се двоумел да ги нападне руските војници.

Турските власти неодамна нагласија дека Русија никако не е вклучена во нападите врз турските војници во Сирија, туку дека вината за нив единствено ја лоцира кај сириската армија, што е јасен сигнал дека Турција не сака војна со Русија.
Ако нема радикална промена на турската политика во Сирија, тогаш се очекува Русија интензивно ја вооружи сириската армија, пред сѐ нејзините противвоздушни системи за да можат да соборуваат турски беспилотни летала, кои сега се најголем проблем и предизвикуваат најголеми загуби. Москва може да ѝ ги помати сметките на Анкара и ако ги префрли битките во турските безбедносни зони во северна Сирија, со што ги загрозува сите достигнувања на турската армија од нејзините претходни операции, остварени токму во соработка со Русија.

Освен што Русите можат да им отворат коридори на курдските борци во овие зони, за Анкара е поопасно и политичкото зближување на Курдите со Дамаск. Курдите, наводно, веќе ѝ нудат на Русија голема воена база под услов да го принудат Дамаск да го признае курдското право на одреден степен на територијална автономија во идната Сирија. Со други зборови, Русија на Турција може да ѝ отвори два фронта во Сирија – против сириската армија (која ќе продолжи силно да ја поддржува воено-политички) и против Курдите. Турција веќе е ангажирана на новоотворениот воен фронт во Либија, каде што директно се судира со интересите на Франција, Египет, ОАЕ и на Италија.
Покрај тоа, Москва многу добро знае дека Ердоган, освен на Блискиот Исток (со исклучок на Катар), нема вистински сојузник во Европа. Неговите постојани уцени и закани за пуштање на бегалците на територијата на ЕУ како замена за финансиска помош веќе долго време се сметаат за „политички рекет“ во блокот. Европејците никогаш нема да застанат зад турските ризични амбиции во Сирија, иако Турција е членка на НАТО. Тоа беше и очигледно на неодамнешната вонредна средба на Алијансата по барање од Турција, кога изостана заедничката поддршка. Грција ја блокираше наводно строгата изјава во корист на Турција, што ги налути САД, укажувајќи на неприфатливоста на уцените на Ердоган за бегалците. Потоа, Ердоган ги пушти бегалците да тргнат кон ЕУ.

Ова се само некои од елементите што му се добро познати на Путин. Згора на тоа, Ердоган дома нема едногласна поддршка за турските воени авантури во Сирија. Еден од критичарите е и неговиот бивш политички сојузник, поранешниот турски претседател Абдула Ѓул. Тој во едно неодамнешно интервју предупреди за опасноста од влегување во голема војна во Сирија. Ѓул, исто така, го критикуваше и прекумерното приближување на Ердоган со Русија, вклучувајќи ја и набавката на руските системи „с-400“, нагласувајќи дека е неопходно „Турција да биде дел од западниот блок и заедно со Европа за да се гарантираат демократската и плуралистичката природа на земјата“.
Кој прв ќе попушти во оваа екстремно опасна геополитичка игра ќе се дознае во наредните денови, а тоа најмногу ќе зависи од средбата меѓу Ердоган и Путин во Москва и од состојбите на боиштата во Сирија.

Една опција е средбата меѓу двајцата лидери да не даде поконкретен резултат. Но двете земји може и да ги регулираат односите, како што се случи по соборувањето на рускиот авион во 2015 година, кога многумина тврдеа дека руско-турска војна е неминовна. Русија и Турција оттогаш значително ја подобрија соработката на политички, економски и воен план. Сепак, геополитичките услови денес се многу поразлични и влоговите за големите сили како САД, Русија и Кина се многу поголеми, а тоа, пак, ја прави ситуацијата уште поопасна.


Москва обвинета за воени злосторства

Во истрага на ОН за сирискиот конфликт, Русија првпат е обвинета за директна вмешаност во воени злосторства и за бомбардирање области населени со цивили. Најновиот извештај на Независната меѓународна анкетна комисија за Сирија се фокусира на настаните од јули 2019 година до јануари годинава, пренесе „Гардијан“.
Комисијата се фокусирала на два инциденти за кои тврди дека нашла докази оти руски авиони биле директно вклучени во бомбардирањето на цивилните области. Комисијата во минатото сугерираше можна руска одговорност за воени злосторства, но сега првпат тврди дека има докази за вина на Москва. Првиот инцидент се однесува на низа воздушни напади на 22 јули на пазар во близината на градот Идлиб. Според комисијата, станува збор за двоен воздушен напад, при што втор бран проектили ја погодиле целта додека спасувачи работеле на терен.

Во извештајот се наведува дека во нападите се убиени 43 цивили, меѓу кои и четири деца, а најмалку 109 други се ранети. Вториот инцидент се однесува на бомбардирање на 16 август на засолниште за раселени цивили, исто така во Идлиб. Во тој напад настрадале 20 лица, меѓу кои осум жени и шест деца, а биле ранети уште 40 други.
– Во двата инциденти, руските сили не ги насочиле нападите кон воена цел, што претставува воено злосторство – се тврди во извештајот.
Русија негира одговорност за масовни убиства на цивили во Сирија и инсистира дека нејзината воздушна кампања за поддршка на властите во Дамаск е насочена единствено против терористички групи.