Предупредувања на поранешни американски советници за безбедност

Додека светот е во проблеми околу тоа која земја колку и со какво оружје со нуклеарни капацитети располага, широко критикуваното воено повлекување на САД од Авганистан деновиве доби нова загрижувачка безбедносна димензија.
Имено, новите исламистички владетели во земјата, талибанците, би можеле наскоро да добијат нуклеарно оружје од Пакистан. Ова за американските медиуми го тврди Џон Болтон, поранешен американски советник за национална безбедност, кој вели дека блиските врски на талибанците со Пакистан (која е нуклеарна сила) во минатото, а особено и сега по заземањето на власта во Авганистан би можело да доведе до вооружување на талибанците со оружје со збогатен ураниум.
– Талибанците што го контролираат Авганистан се закануваат дека ќе ја преземат контролата и врз Пакистан. Тоа може да значи дека 150 нуклеарни боеви глави може да паднат во рацете на терористите, што претставува вистинска закана за нас и нашите пријатели – предупреди Болтон, пренесе „Мирор“.
Болтон, исто така, го критикуваше управувањето на Бајден со повлекувањето на војниците од Авганистан. Тој предупреди дека сојузниците „се прашуваат дали има увид во надворешната политика на неговата администрација“.
Поранешниот советник за безбедност на САД изнесувајќи ги ваквите тврдења наедно изрази и силна поддршка за превентивни напади врз непријателските режими, особено во Иран и во Северна Кореја, земји што поседуваат нуклеарни капацитети.