Се верува дека мажот што беше убиен со самострел во самоубиствениот пакт во Германија бил на чело на култ што бил посветен на средновековниот фолклор и ги третирал жените како робови, според информациите од истрагата, пренесува Би-би-си.

Телата на Торстен В. и на две жени беа пронајдени во хотелска соба во Баварија во саботата, а покрај нив имало три самострели. Овие случаи беа поврзани со две други убиства во Германија, кои се случија во понеделникот. Торстен В. бил лидер на секта кој ги контролирал жените, пренесуваат германски медиуми.

Телата на наводниот 53-годишен лидер на култот и на Кирстен Е. (33) беа пронајдени во кревет, држејќи се за раце, погодени со стрели од модерен самострел. Фарина Ц. (30), која била погодена со стрела во вратот, лежела на подот.

Тројцата се пријавиле во хотелот во петокот вечерта, за да престојуваат три вечери, без појадок. Нивните тела биле пронајдени од страна на собарката.

Полицијата го третира случајот како „нарачано убиство и самоубиство“, сугерирајќи дека Фарина Ц. прво ја застрелала двојката, а потоа себеси.

Овој настан беше проследен со пронаоѓањето на уште две мртви жени во куќата на Фарина Ц. во понеделникот. Едната од нив, 35-годишната наставничка Гертруд Ц., била партнерка на Фарина Ц. Другата била 19-годишна девојка, соопштила полицијата без да ја именува.

Торстен ги контролирал четирите жени со користење на физичка сила и со психолошли манипулации.

– Оние кои го истражуваат случајот се сомневаат дека сите тие биле членови на некој вид на сексуален круг со акцент на средниот век. Торстен веројатно бил гуру на групата – пренеле РТЛ по интервјуирањето на неколку луѓе кои ги познавале жртвите.