Според Обединетите нации, „кога една територија повлекува 25 или повеќе отсто од обновливите извори на пивка вода, се смета дека има недостиг од вода“. Во светски рамки, во 2018 година, само 18,4 отсто од вкупните обновливи ресурси на пивка вода беа исцрпени. Сепак, на регионално ниво, веќе има места што се соочуваат со сериозни проблеми. Северна Африка има критични нивоа на недостиг од вода, додека Централна и Јужна Азија се класифицирани како региони од висок ризик. На другиот крај на скалата, 31 отсто од светската популација не е под ризик за недостиг од вода за пиење.
Како што покажуваат проекциите на Светскиот институт за ресурси за 2040 година, проблемот наскоро ќе стане присутен насекаде. Извештајот на „Економист интелиџенс јунит“ вели дека „забрзаната урбанизација, растот на населението, климатските промени и економскиот развој вршат притисок врз водните системи“. Според прогнозата, 44 земји ќе се соочат со екстремно високи или со високи нивоа на недостиг од вода до 2040 година. Како што беше предупредено во извештајот на „Економист“, „во исто време, зголемените нивоа на морињата ставаат голем број географски области во ризик од поплави, особено во Источна и Југоисточна Азија, што може да ги оптовари санитарните системи и да ги загади изворите на вода за пиење“.