Градот Њу Орлеанс на Твитер објави предупредување до жителите на овој град, во кое се содржат правила за однесување пред ураган, кој допрва се очекува.

– Жителите би требало да се подготват и да ги извршат следните активности: да соберат храна, вода и лекови за најмалку три дена и да ги обезбедат своите имоти за силни дождови и ветер, да ги исчистат олуците и да ги испуштат базените – се наведува во предупредувањето.

Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека тропската бура „Бери“ се засилува додека се доближува до брегот на Луизијана, а се очекува да премине во ураган кога утре ќе стигне на копно.

Според проценките, ударите на ветрот се се посилни и сега се преку 100 килоемтри на час, а се очекува да бидат уште посилни.

Невремето бавно се движи, но предупредувањето е издадено за зоната кај езерото Пончертрејн, како и за Билокси и Мисисипи. Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во Луизијана, а долж целиот нејзин брег на сила е предупредувањето за ураган.

Тој нагласи дека националните и локалните власти работат заедно и ги повика луѓето да се подготват.

„Бери“ се доближува до Њу Орлеанс, чии жители претходните денови се соочија со поплави.