Владата на Германија го нема сменето ставот за неменливост на границите на Западен Балкан, кој канцеларката Ангела Меркел јавно го искажа на 13 август, говорејќи за територијалните разграничувања. Таа истиот став го повтори и во разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп, се наведува во одговорот на германската Влада за црногорскиот весник „Побједа“.

-Канцеларката Меркел повтори дека територијалниот интегритет на државите од Западниот Балкан е воспоставен и е неповредлив. Ова е и понатаму став на Сојузната Влада. Владата силно ги поддржува напорите на ЕУ во посредувањето за постигнување на одржливо решение меѓу Србија и Косово – се потенцира во изјавата на германската Влада за весникот „Побједа“.

Како што е нагласено, преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ добро напредуваат, меѓутоа позицијата на Германија и понатаму останува непроменета-кандидатите мораат да ги исполнат сите услови пред да влезат во ЕУ.