Вкупно 904 жени од седум политички партии ќе се борат за мандат во турскиот Парламент на претстојните избори на 24 јуни, што е рекорд во историјата на Турција, објави весникот „Дејли Сабах”.

Изразено во проценти, од вкупно  4. 200 регистрирани кандидати, жени се 21,5 проценти, односно нешто повеќе од една петтина.

Крајниот рок за поднесување на листите до Изборната комисија беше во понеделникот.

Најмногу жени има на листата на курдската Демократска партија на народите (ХДП), каде 230 од 600-те кандидати за пратеници се жени, односно 36,7 проценти. Во владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) се вклучени 126 жени од 600-те кандидати или 21 процент.

Опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) на својата листа има 137 жени или близу 23 проценти, а Партијата на националистичка акција (МХП) кандидираше само 69 жени меѓу 600 кандидати, односно 11,5 проценти.

Во моментов, во турскиот Парламент има 82 жени, од кои 34 се од владејачката АКП, а две се министри.

Во историјата на Турската Република досега имало 22 жени министри и само една жена премиер – Тансу Чилер, која ја вршеше функцијата од 1993 година до 1996 година.