Кенијци тажат на местото на несреќата на „Етиопијан ерлајнс“

Бизнис инсајдер

Семејствата на загинатите во двете авионски несреќи на „боинг 737 макс“ велат дека не биле контактирани од компанијата, не добиле извинување или каква било поддршка. Родителите на една жена која настрада во една од несреќите изјавија за „Бизнис инсајдер“ дека не добиле „сочувство“ и „не биле лично контактирани“ од „Боинг“, и покрај многубројните јавни извинувања на компанијата, додавајќи дека извршниот директор, Денис Мјуленбург „разговарал со други луѓе, но не и со семејствата на жртвите“.

Надја Милерон и Мајкл Стумо ја загубија нивната 24-годишна ќерка, Самја Стумо, кога „боингот 737 макс“ на етиопскиот авиопревозник се урна и притоа загинаа сите 157 патници во март годинава.

Надја Милерон ја загуби ќерка си во несреќата на „Етиопијан ерлајнс“

Ова е втората авионска несреќа на „боинг 737 макс“ откако лани во октомври, во Индонезија, се урна авион на „Лајон ер“ и притоа загинаа 189 патници. Адвокати кои претставуваат над 50 семејства на жртвите од несреќите изјавија за „Бизнис инсајдер“ дека нивните клиенти имале исто искуство.

Адвокатите Џо Пауер од Чикаго, Брајан Кабатек од Лос Анџелес и Стив Маркс од Мајами изјавија дека Боинг не стапил во контат со нивните клиенти. Маркс вели дека ваквиот одговор не е „невообичаен“ кај производителите по некаква несреќа, но реакцијата на Боинг била „полоша“ од стандардната. Според него, Боинг „брзо реагирал по втората трагедија со тоа што ја признал грешката, но потоа се повлекол, што само дополнително ја разгорело ситуацијата кај семејствата“.

Адвокатот Мајк Данко кој не претставува ниедно од семејствата на загинатите во несреќите на „боинг 737 макс“ изјави за „Бизнис инсајдер“ дека реакцијата на компанијата во овој случај „не била невообичаена“ и дека производителите обично не се извинуваат или нудат поддршка по авионските несреќи, но ги истакна јавните извинувања.

Во изјава за „Бизнис инсајдер“, Боинг упати сочувство и жалење до семејствата и блиските на загинатите во несреќите на летот 302 на етиопската авиокомпанија и на летот 610 на „Лајон ер“. Притоа беше наведено дека „отворено ќе соработува со истражните власти“. Боинг не даде одговор на прашањето на „Бизнис инсајдер“ зошто компанијата не стапила директно во контакт со семејствата на загинатите.

Боинг повеќепати јавно се извини за несреќите. Неговиот извршен директор Денис Мјуленберг прв се извини во видео-обраќањето на Боинг во април три недели по втората авионска несреќа. Во видео-обраќањето тој порача дека компанијата „жали за загубените човечки животи“ и дека „трагедиите секогаш ќе им бидат товар на совеста“. Во обраќањето, Мјуленбург исто така наведе дека Боинг работи на подобрување на авионите за во иднина да не се случи таква трагедија. Во мај тој јавно им се извини на жртвите, порачувајќи дека Боинг „жали за загубените човечки животи во двете несреќи“ и „за трагедијата што ги снајде семејствата и блиските“. Воедно додаде и дека компанијата не го вградила „точно“ софтверот во авионот. На парискиот воздухопловен саем во јуни, Мјуленбург изјави дека Боинг „направил грешка“ во вградувањето на системот и дека неговата комуникација „не била прифатлива“.

Извршниот директор на „Боинг“ Денис Мјуленбург јавно се извини по втората несреќа

Милерон и Стумо за „Бизнис инсајдер“ порачаа дека Мјуленбург „никогаш не се извинил за загинувањето на нивната ќерка“. Стумо вели дека Боинг „го присилил Мјуленбург да излезе пред камерите“, мислејќи на видео-обраќањето од април.

– Вистинското извинување е кога лице в лице ќе се искаже сочувство – вели тој.

Милерон тврди дека во извинувањето требало „да се признае и грешката и да се изрази жалење за истата“.

Таа вели дека „не е вистинско извинување ако се излезе пред камера, затоа што не е директно обраќање пред семејствата на жртвите и притоа американската јавност воопшто не го прифаќа ваквото извинување“.

Сè повеќе семејства го тужат Боинг по првото извинување во април, но Данко изјави дека извинувањето, или давањето поддршка на семејствата, веројатно нема да ѝ наштети на правната позиција на компанијата. Тој вели дека „извинувањето само ќе ја намали висината на оштетата, особено кога има смртен случај“.

Боинг не одговори на прашањето на „Бизнис инсајдер“ дали директното извинување на семејствата може да ѝ наштети на неговата правна стратегија и дека нема директно да коментира за тужбите.

Данко понуди своја верзија како требало да изгледа извинувањето од страна на Боинг.

– Искрено жалиме за она што се случи и за вашата голема загуба. Сè уште работиме на случајот за да откриеме каде лежи проблемот и соодветно да се реагира на истиот. Сакаме да се погрижиме никој друг да не поминува низ она со што вие сега се соочувате. Работиме на расветлување на случајот и ниеден наш авион нема да полета додека 100 отсто не се реши проблемот – истакна Данко.

Боинг работи со регулаторите додека Федералните воздухопловни власти на САД се подготвуваат да го истражат подобрениот софтвер за авионот. Софтверот мора да биде одобрен пред авионот повторно да биде ставен во функција.

Боинг исто така контактираше со авиокомпаниите по несреќите, а тие во меѓувреме ќе чекаат авионите да добијат зелено светло и одредена компензација.

Мјуленбург изјави во јуни дека Боинг „ќе работи со сите нивни клиенти во целиот свет за да ги реши проблемите“ и дека компанијата „поединечно ќе стапи во контакт со сите нив“.

Подготвила: Билјана Здравковска