Лидерот на „Вокс“ Сантјаго Абаскал го слави изборниот резултат на партијата

Победата на партијата на Педро Санчез на изборите во Шпанија е засенета од брзиот подем на младата крајно десничарската партија Вокс, како и од протестите во Каталонија кои веќе долго време не стивнуваат, пренесуваат светските медиуми.

По четвртите избори во исто толку години, Шпанија ја чекаат месеци на политичка неизвесност која се предвидува дека ќе ја искомплицира веќе хаотичната ситуација во земјата, воглавно поради отсуството на јасен политички мандат на партиите кои се борат да дојдат до власт.

Социјалистите на Педро Санчез освоија најмногу места во парламентот, 120 од 350, што сепак е за 57 места помалку во однос на потребната бројка за формирање на влада. Тие затоа мораат да направат зделки и компромиси за да дојдат на власт, бидејќи немаа мнозинство и на изборите во април. Во сенката на хаосот, десничарската партија Вокс полека се искачува кон врвот, стекнувајќи голема популарност.

Вокс двојно го зголеми бројот на местата во парламентот, станувајќи третата најголема партија во Шпанија, благодарение на кампањата за построги имиграциски закони, како и борбата против каталонскиот национализам.

– Денес, ние Шпанците го користиме нашиот суверенитет – напиша на Твитер лидерот на Вокс, Сантјаго Абаскал, за време на гласањето, посакувајќи овие избори да донесат слога и единство во земјата.

Вокс е една од најновите политички партии во Шпанија кои направија раздор на политиката во земјата овие пет години. Меѓу нивните ветувања се враќањето на островот Гибралтар, како забранувањето за партиите кои ја поддржуваат независноста за Каталонија.

Нивен слоган е „Да ја направиме Шпанија повторно голема“, имитација на слоганот од кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп. Но, за разлика од гласачите на Трамп, Абаскал ги поткрепува неговите зборови со дела. Тој го развиори шпанското знаме на Гибралтар, чин за кој беше подготвен дури и да биде уапсен.

Гласањето во неделата беше засенето и од немирите во Каталонија откако девет лидери за независност минатиот месец беа затворени од страна на Врховниот суд. Абаскал беше гласен за протестите, обидувајќи се да го натера Санчез да делува со цел да го врати мирот во регионот. Сепак, и покрај големиот број на демонстранти, гласањето во Каталонија се одржа без некои поголеми инциденти. В.Т.