Западните аналитичари велат дека односите меѓу САД и Кина може дополнително да дојдат до најлошо ниво доколку се случи ескалација на реципрочните затворања на дипломатските претставништва. Според нив, по здравствената криза, па онаа економската, сега е можно на ред да дојде и до нова меѓународната криза, која слободно може да се именува како нова студена војна меѓу САД и Кина

Нова студена војна на релацијата САД – Кина

Зголемените дипломатски тензии меѓу Вашингтон и Пекинг откако американскиот Стејт департмент побара затворање на кинескиот конзулат во Хјустон, „за да се заштитат американската интелектуална сопственост и приватните информации на Американците“, деновиве влегуваат во подлабока фаза. Имено, кинеското министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека Пекинг ќе ѝ возврати со реципрочна мерка на Америка, така што конзулатот на САД во кинескиот град Ченгду ќе биде затворен, а американските дипломати ќе бидат принудени да го напуштат објектот, а потоа и земјата. Ваквиот чекор на официјален Пекинг дополнително ја зголеми тензијата меѓу двете суперсили, поради што некои од западните медиуми пишуваат дека е можно состојбата дополнително да ескалира, бидејќи ниту Америка ниту Кина во време на меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за коронавирусот не планираат да отстапат од своите позиции.

Аналитичари за Гласот на Америка (ВОА) велат дека односите меѓу САД и Кина може дополнително да дојдат до најлошо ниво, доколку се случи ескалација на реципрочните затворања. Според експертите, по здравствената криза и онаа економската, сега можно е на ред да дојде и до меѓународната криза, која денес може слободно да се нарече нова студена војна меѓу САД и Кина, во која ќе доминираат меѓусебните обвинувања за шпионажа.
– Тензиите на САД со Кина може да се протолкуваат како континуирани, доколку се земе предвид дека од самото доаѓање на Доналд Трамп на претседателската функција во САД, се обидува да се пресмета со Кина и нејзината светска економска доминација. Покрај индустриската сопственост, САД имаат нарушени односи со Кина и за состојбата во Хонгконг, Јужнокинеско Море, епидемијата на ковид-19, односите на Кина со Европа и уште многу нешта. Во таа насока ќе биде речиси невозможно да се вратат односите меѓу двете земји во нормала, бидејќи Пекинг е иритиран и од обидот на Западот, и покрај сѐ, да ѝ ги залепи сите „етикети“ на Кина и во однос на обвинувањата за вмешаноста на кинеските информатички компании во шпионажа на западните технологии – пишува ВОА.

Во меѓувреме, кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека мерката што ја презеде Кина за затворање на американското дипломатско претставништво во земјата е легитимен и неопходен одговор на неоправданиот чин на САД.
– Моменталните односи меѓу Кина и САД не се онакви како што Кина би сакала да бидат. Соединетите Американски Држави се одговорни за тоа – соопшти кинеското министерство за надворешни работи.
Министерството уште еднаш ги повика САД веднаш да ја повлечат својата одлука и да создадат услови билатералните односи да се „вратат на вистинскиот пат“.
Според кинеското МНР, овој потег е „легитимен и неопходен одговор на неразумните мерки на Америка. Одмаздничките затворања се само последниот чекор во нарушените односи меѓу Вашингтон и Пекинг, пишува „Дојче веле“.

Како што наведува германскиот медиум, односите меѓу двете суперсили се значително влошени во текот на изминатите месеци, а тоа не се однесува единствено за трговијата, туку односите се нарушени и во повеќе други сфери, како за кинеските права во Јужнокинеско Море, кражбата на интелектуалната сопственост, злоупотребата на човековите права и справувањето со новиот коронавирус. Според германскиот медиум, на полето на геополитиката, нападот е лесен за извршување. Шемата е онаа најкласичната, а таа гласи дека нападот е најдобрата одбрана, особено ако се води на повеќе фронтови. Според медиумот, доколку поддршката кон Трамп во предизборието продолжи да тоне, достигнувајќи некоја критична точка од 30 проценти, тогаш можеме да очекуваме комплетна студена војна со Кина.

Од друга страна, Америка продолжува да ја обвинува Кина дека го доведе во заблуда светот за избувнувањето на заразата и му овозможи на вирусот брзо да се шири на глобално ниво. Стејт департментот во исто време смета дека Кина ја користи својата амбасада во Вашингтон и петте конзулати на територијата на САД за шпионски и пропагандистички операции, меѓу кои се и обидите на Америка да најде вакцина против ковид-19. Како што соопшти Пентагон, конзулатот во Хјустон наводно бил под надзор на ФБИ неколку години поради наводно присуство на кинески разузнавачи. Американскиот државен секретар Мајк Помпео во говорот во четвртокот порача дека Вашингтон и неговите сојузници мора да користат „покреативни и похрабри пристапи“ за притисок врз Кинеската комунистичка партија да ги промени своите методи, нарекувајќи ја „мисија на нашето време“.