Кога коронавирусот се прошири во САД, лани во март, со наметнувањето на карантините во обид да се стави истиот тој под контрола, потрошувачката забележа значително намалување. По драстичниот пад во април, кога потрошувачката падна над 18 отсто во споредба со јануари, личната потрошувачка почна да се обновува и стигна во рамките на 1,75 отсто од претпандемиските нивоа во октомври, пред потоа повторно во ноември и декември да забележи мал тренд на намалување. Податоците, според Американското биро за економска анализа, покажуваат дека иако потрошувачката на стоки брзо закрепна по првичниот шок и беше забележан раст во јуни, сепак потрошувачката на услуги сè уште е над пет отсто под претпандемиските нивоа.
Заднината е јасна за овие бројки. Бидејќи пандемијата сериозно ги ограничи опциите за трошење пари на услуги, како што се одењето во ресторани, патувањата и други активности поврзани со слободното време, потрошувачката се сврте кон физичките стоки во обид да настане приспособување на состојбата. Иако релативно брзо се вратија целокупните нивоа на потрошувачка, особено ако се земе предвид дека 10 милиони Американци се без работа, сепак нејзиното бавно враќање треба да загрижува. САД важат за услужна економија, па, така, во 2019 година, личната потрошувачка на услуги изнесувала 47 отсто од БДП, поради што важи за најголем придонесувач во економското производство на земјата.