Администрацијата на Доналд Трамп најпосле им упати покана на транзициските тимови на новоизбраниот претседател Џо Бајден да постават канцеларии низ американските федерални агенции, но луѓето на Бајден ја одбиваат поканата, пишува „Форин полиси“.

Од американската Агенција за меѓународен развој до министерството за одбрана, канцелариите на администрацијата што доаѓа се опремени со компјутери и канцелариски материјал кои не се користат, бидејќи тимовите на Бајден претпочитаат да комуницираат преку Зум и видео-конференции.

– Луѓето на Бајден стравуваат дека средбите во живо со администрацијата на Трамп за време на пандемија би можеле да бидат штетни по нивното здравје, и со мала корист, со оглед на занемарувањето на здравствените прописи од страна на нивните претходници – се наведува во анализата на американскиот магазин.

 – Не добиваат ништо важно од Белата куќа. Влегувате во Белата куќа и никој не носи маски. Очигледно е дека сакаат да изразат некаков политички став – вели поранешен член на администрацијата на Трамп кој работи на транзицијата помеѓу администрациите, во изјава за „Форин полиси“.

Тој додава дека тимот на Бајден инсистирал новата администрација да има исклучиво дигитални брифинзи со персоналот од Белата куќа, поради стравот од игнорирање на протоколите за носење заштитни маски.

Виртуелната транзиција е и одраз на претпазливиот пристап на Бајден кон пандемијата, наспроти оној на администрацијата на Трамп, заклучува „Форин полиси“.

Тимот на Бајден спроведе 21 разговор со воени лидери од Пентагон и со цивилни лидери до минатата недела, а за неделава има закажано уште 50 интервјуа. Барем 90 отсто од средбите ќе бидат виртуелни на барање на тимот на Бајден.