Истражните органи на Германија вршат претреси во неколку објекти поврзани со германската исламистичка сцена. Поточно, станува збор за лица кои наводно биле во контакт со Кујтим Фејзулаи, атентаторот од Виена, пишува „Дојче веле“.

Во своето обраќање до Бундестагот во четвртокот, министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, го спомна ова само патем. Терористот од Виена, Кујтим Фејзулаи, кој во понеделникот уби четири и повреди повеќе од 20 лица во центарот на главниот австриски град, имал контакти и со исламистичката сцена во Германија. Сега постојат конкретни индикации за тоа.

Според јавниот сервис АРД, во тек е полициска акција во неколку објекти кои се поврзани со германската исламистичка сцена. Се вршат претреси во Касел, Оснабрик и Пинеберг во северна Германија.

Атентаторот со албанско потекло, роден во Виена, се сретнал лично со двајца германски исламисти ова лето во Виена. Имал директен и индиректен контакт со други двајца преку интернет, пренесува АРД.