Откако привремениот претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, неочекувано се појави како гостин на Белата куќа за време на годишното обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп, извори блиски до власта пренесуваат дека тие разговарале за нови мерки за дополнителен притисок врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, пренесува Си-ен-ен.

Според истите извори, за време на средбата Трамп му ветил на Гваидо дека САД ќе преземат нови акции насочени кон Венецуела идниот месец, но не е познато за што точно станува збор. Гваидо се надева дека ветувањето се однесува на новите санкции наменети за Русија поради набавката на нафта од Венецуела.

Средбата меѓу Трамп и Гваидо се случи за време на критичен период за опозицискиот лидер, кој неуспешно се обидува да го симне од власт Мадуро со месеци, додека земјата се наоѓа во хаос. Гваидо како легитимен преоден претседател го признаваат САД и повеќе од 50 други држави. 

Гваидо го напушти состанокот со чувство на оптимизам, мислејќи дека средбата ќе му даде политички замав во Венецуела, додава изворот. Но, тој исто така е свесен дека треба да делува брзо откако ќе се врати во својата земја. 

– Средбата со Трамп помина добро. Се фокусираме да постигнеме демократија и слобода за сите што страдаат и гладуваат во Венецуела – изјави Гваидо пред новинарите по средбата.

Средбата е доказ дека Трамп не го загуби трпението кога станува збор за соборувањето на Мадуро од власт.