Американскиот ветеран Том Рајс (97) го повтори скокот со падобран кој го имал пред 75 години за време на нападот на сојузниците во Нормандија. Тој беше пречекан со голем аплауз од публиката.

-Убаво летање, убав скок, сè беше совршено- извика поранешниот падобранец на 101. американска воздухопловна дивизија, кога слета на големо поле во местото Карантан во северозападниот дел на Франција.

Рајс, кој скокна врзан за друг падобранец, имаше падобран во боите на американското знаме.

Пред 75 години, тогаш младиот Рајс кој имал 22 години, дошол во Англија со авион „Даглас Ц-47“, а ноќта на 6 јуни во 1944 година, скокнал во Нормандија, заедно со 9.000 припадници на дивизијата. Рајс раскажал дека тогаш скокнал со опрема со тежина од 50 килограми.

Целта на неговата дивизија била да се обезбедат патиштата околу Карантан, каде што неколку часа подоцна се очекувало да пристигнат околу 100.000 војници.

По војната, Рајс станал наставник по историја и има околу 60 скока со падобран, секоја година за време на прославата на „Денот Д“.

Во Франција утре се одбележува 75-годишнината од сојузничкото слетување во Нормандија во Втората светска војна. Церемонијата започна денес во Англија.