Ситуацијата во Америка им е вознемирувачки позната на аналитичарите на ЦИА навикнати да ги надгледуваат општествените немири во странство – собирањето на демонстрантите, сузбивањето од страна на полицијата и покажувањето на сила од страна на лидер кој проектира авторитет, пишува „Вашингтон пост“.

Сегашни и поранешни службеници на ЦИА изразија вџашеност поради сличноста помеѓу настаните дома и знаците за опаѓањето на демократијата кои се обучени да ги забележуваат кај други нации.

– Веќе го имам видено ваквиот вид на насилство. Ова го прават автократите. Ова се случува во државите пред колапс. Навистина ме вознемирува – вели Гејл Хелт, поранешна аналитичарка на ЦИА задолжена за следење на настаните во Кина и во Југоисточна Азија.

Хелт која сега е професорка на унивезитетот „Кинг“ во Тенеси, вели дека глетките од немирите во американските градови во комбинација со запаливите изјави на претседателот Доналд Трамп, се ехо на судирите кои ги следеше во текот на изминатите десетина години во ЦИА, набљудувајќи го развојот на настаните во Кина, Малезија и во други држави.

Други поранешни службеници на ЦИА и на Националната безбедност имаат слични мислења.

– Ова ме потсетува на настаните од Третиот свет за кои известував со години. Садам, Башар, Гадафи. Сите го правеа ова – истакна на Твитер Марк Полимеропулос, кој порано раководеше со операциите на ЦИА во Европа и во Азија.

Поранешните разузнавачи велат дека немирите и воениот одговор на администрацијата се меѓу „мерките за пропаѓање“ за кои би предупредиле доколку би пишувале извештај за состојбата во САД, за потребите на странска разузнавачка служба.