Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел ќе поднесе оставка на функцијата кон средината на февруари, соопшти Стејт департментот.

Како што објави „Вашингтон пост“, Мичел му испратил писмо на американскиот државен секретар Мајк Помпео во кое вели дека заминува од функцијата на 15 февруари од „приватни и професионални причини“.

– Дојде време да поминам повеќе време со моето младо семејство, кое страдаше многу денови без мене во последните месеци, вели Мичел во писмото.

„Вашингтон пост“ оценува дека заминувањето на Мичел ќе создаде клучен вакуум во време кога европските лидери ја доведуваат во прашање посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон историските сојузи.

Сепак, според весникот, Мичел не поднесува оставка во знак на протест против политиките на Трамп.

Заминувањето на Мичел, кој беше задолжен и за односите на САД со Русија, доаѓа и во време кога се интензивира истрагата за врските меѓу изборниот штаб на Трамп и Москва.

Мичел беше силен поддржувач на Преспанскиот Договор.