Конфликтот во Нагорно-Карабах станува сè поинтернационализиран, бидејќи милитанти од различни земји, поттикнати од верски и економски причини, пристигнуваат да се борат на обете страни во војната – Ерменија и Азербејџан.

Како што известуваат дел од светските медиуми, распоредувањето на 1.000 сириски борци кои се ангажирани од приватна турска фирма за безбедност, како и отворената поддршка на Анкара за Азербејџан, го потврдуваат издигнувањето на Турција како регионална сила, што претставува закана за нарушување кревкото статус-кво на Кавказот, кој долго време се гледаше како домен на Русија. 

Сепак, и Турција и Азербејџан негираат присуство на Сиријци во Нагорно-Карабах. Тие ја обвинија Ерменија за распоредување на сириски и курдски милитанти во областа, без да приложат докази за нивните тврдења.

Неколку борци во последното сириско упориште на сириската опозиција во провинцијата Идлиб, за „Гардијан“ изјавија дека воените команданти, кои тврделе дека ги застапуваат турските безбедносни компании, им понудиле да работат како чувари во азербејџанските компании кои вршат испорака на нафта и на гас. Нив, наводно, им биле понудени околу околу 1.100 евра месечно, што претставува огромна сума пари за Сиријците заробени од војна и сиромаштија.

Во петокот, францускиот претседател Емануел Макрон во разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, рекол дека разузнавачките извештаи утврдиле оти 300 борци од џихадистички групи од Сирија поминале низ Турција на патот кон Азербејџан, велејќи дека „црвената линија е премината“ и побарал објаснување од турскиот колега.

Истовремено се јавуваат извештаи дека Ерменци од Грција, Холандија и од САД се вратиле во Ерменија со цел да ѝ служат на татковината, додека пак, волонтираат и етнички Грци, кои заминале да се борат  поттикнати од верски причини и солидарност, без притоа да бидат платени за нивните услуги и служба. Откриено е и дека грчкото малцинство во Ерменија, се борат заедно со ерменската армија.

Овој конфликт станува сѐ понтернационализиран и се заканува да го втурне целиот регион во војна. Сепак, ова не е првпат странски милитанти да се борат во Арцах (ерменски назив за Нагорно-Карабах). Во Првата војна (1988-1994) грчки и руски волонтери се бореа заедно со Ерменците. Чеченци, авганистански муџахедини, турските „сиви волци“ и украински милитанти од крајната десница се бореа на страната на Азербејџан во тогашниот конфликт

Приливот на странски борци, особено сириските милитанти, претставува голема грижа за Иран и Русија, кои не се чувствуваат пријатно поради близината на радикални сили до нивните граници. Интернационализацијата на војната има потенцијал да предизвика конфликт низ Кавказ, бидејќи милитантите од северен Кавказ, особено Дагестан, Ингушетија и Чеченија, би можеле да војуваат во Азербејџан и да стекнат непроценливо искуство кое ќе го донесат со себе откако ќе се вратат во Русија. Конфликтот, исто така, може потенцијално да стане дел од поширокото грчко-турско ривалство што веќе постои во Источен Медитеран, Кипар и Либија.

Без да биде ограничен приливот на странски борци до фронтот, постои можност овие сили да го доведат целиот регион до војна, доколку не се склучи брз договор за прекин на огнот. В.Т.


На страната на Ерменија се борат борци од Либан, Сирија и од Латинска Америка

Борци од Либан, Сирија и Латинска Америка доброволно се борат за Ерменија против Азербејџан во тековниот конфликт во Нагорно-Карабах, тврди „Радио Франс Интернешнал“ (РФИ).

Околу 30 волонтери, од кои некои никогаш претходно не допреле оружје, добиле „експресна обука“ пред да се приклучат на нападите. Началникот на прес-службите на Азербејџан, полковник Вагиф Даргахали, рече дека ерменската армија примила платеници од Сирија и од другите земји од Блискиот исток.

Азербејџанскиот амбасадор во Турција, Хазар Ибрахим обвини дека Ерменија донела терористички групи, вклучувајќи ги и „Работничката партија на Курдистан“ и таканаречената „Ерменска тајна армија за ослободување“ (АСАЛА), во регионот Нагорно-Карабах и им обезбедила оружје.


Русија предупредува дека Нагорно-Карабах може да стане упориште на исламистичките милитанти

Сергеј Наришкин, шеф на Разузнавачката служба на Русија, изјави дека конфликтот привлекува платеници и терористи од Блискиот Исток.

– Станува збор за стотици, па дури и илјадници радикализирани лица кои се надеваат дека ќе заработат пари во новата војна во Карабах – рече Наришкин.

Тој предупредува дека регионот на јужен Кавказ може да стане „нова рампа за лансирање на меѓународни терористички организации“ од каде што милитантите можат потоа да влегуваат во други земји, вклучително и во Русија.