Политичката криза ги подели Венецуелците за клучните прашања околу поддршката за Николас Мадуро и за Хуан Гуаидо, но и за можната воена интервенција во нивната држава, пренесува Би-би-си.

– САД секогаш се најдобри интервенционисти. Ако таа интервенција направи голема разлика за оваа држава, тогаш тоа е добра работа – вели инженерот од Каракас Рени Паволини, наведувајќи ги примерите на Виетнам, Ирак и на Куба.

Универзитетската професорка Маргарита Лопез Маја смета дека на Венецуела не и преостануваат многу опции.

– Венецуелците се надеваат на можноста за мирно решение, но природата на владата на Мадуро го прави таквото решение тешко остварливо – посочи Маја.

Американските познавачи на состојбата исто така имаат одредени стравувања за прашањето на воена интервенција.

– Мислам дека интервенцијата дополнително би ја разорила трошната инфраструктура, би создала поделби во меѓународната заедница, би отворила прашања за легитимитетот на новите власти во Венецуела и би создала лош преседан во регионот. Таа носи голем ризик и не е неопходна – објаснува Бенџамин Гедан од истражувачкиот центар „Вудроу Вилсон“ од Вашингтон, повикувајќи на трпение.

Хуан Гуаидо јавно апелираше за странските држави да ги разгледаат „сите опции“ за симнување на Мадуро од власт. Апелот на Гуаидо успеди по судирите во кои поддржувачите на опозицијата се обидоа да ја пробијат блокадата на Мадуро за влез на хуманитарната помош од Колумбија во Венецуела.