Венецуела ќе поднесе жалба до високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Бачелет, поради „саботажа“ на електромрежата, за која властите на земјата го обвинуваат „американскиот империјализам“.

Поголемиот дел на Венецуела во четвртокот остана без струја речиси 24 часа, а државното електростопанство соопшти дека причина за тоа била „саботажа“ во хидроелектраната „Симон Боливар“, која е најголема во земјата.

– Ќе поднесеме жалба за да се обезбеди почитување на човековите права во нашата земја- изјави министерот за комуникации и култура Хорхе Родригес и додаде дека таа саботажа, која требало да ја остави Венецуела без струја неколку дена, била „најбрутален чин на агресија во изминатите 200 години“.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро го обвини „американскиот империјализам“ за оваа саботажа, а Стејт департментот негираше каква било вмешаност.