Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека безбедносните сили на таа земја фатиле американски шпион додека ги шпионирал најголемите рафинерии за нафта во земјата.

Во телевизиско обраќање, Мадуро рече дека тој бил уапсен во четвртокот на северозападот на земјата.

– Уапсен е маринец кој служел во базите на ЦИА во Ирак – рече Мадуро, додавајќи дека уапсениот со себе имал „специјално оружје, големи количини пари, големи количини долари и други работи“.

Тој не даде други детали освен дека притвореникот дал изјава во притвор.

Ниту Стејт департментот на САД ниту Белата куќа сè уште не ги коментираа тврдењата на Мадуро.