Медиумите и познавачите на состојбите веќе долго време зборуваат за колапсот во Венецуела. Главно, овој термин се користеше метафорички, со прикажување на статистичките податоци за намалувањето во прозиводството на нафта, зголемувањето на смртните случаи кај децата и драстичното покачување на цените и големата инфлација. Но, од четвртокот, Венецуела буквално колабираше со прекинувањето на снабдување струја на територија на целата држава, кој создаде сериозни проблеми за сите жители. Без струја, во земјата во која има повеќемесечна криза, сега не се достапни ни основните услови за живот во 21 век, пишува „Вашингтон пост“.

Во земја која веќе се соочува со сериозна хуманитарна криза, колапсот на електричната мрежа е последната катастрофа. Венецуелците веќе беа хронично гладни, со зголемени големи бројки на луѓе кои сериозно ослабеле поради тоа што не можеле да си дозволат да купат доволно храна. Со ограничените залихи на храна, недостатокот на електрична енергија не е само обична непријатност, туку животозагрозувачки момент, главно поради тоа што храната не може да се складира во фрижидери.

– Приказните кои доаѓаат од болниците ширум земјата се ужасни. Само дел од нив имале генератори за струја кои функционираат, но и тие што функционирале не биле наменети да снабдуваат со струја цела болница и тоа неколку дена. На социјалните мрежи се појавија повеќе вознемирувачки видеа, вклучувајќи и клип од медицинска сестра која со рачна пумпа се обидува да оддржи во живот мало бебе, а илјадници пациенти не можат да добијат третман за дијализа и може да се соочат со болна и бавна смрт – констатираат од „Вашингтон пост“.

Економијата едноставно престана да работи. Поради хиперинфлација, земјата се соочува со недостаток на банкноти, а Централната банка на Венецуела нема можност да постигне со побаарувањата за печатење на пари. Како резултат, поголемиот дел од плаќањата се вршат електронски, кој според експертите е едниствен практичен начин за плаќање во земјата. Со прекинувањето на дотокот на струјата, луѓето практично немаат пристап до средствата. Единствената економска активност која е возможна Венецуела е со странски валути, поточно американски долари и евра, но и со колумбиски песоси. Но, поголем дел од Венецуелците немаат пристап до странски пари.

„Вашнигтон пост“ во својата објава се осврнува и на прашањето за комуникации, односно нивното целосно прекинување. Фиксната и мобилната мрежа се целосно стопирани, како и Интернетот, а луѓето во главниот град Каракас со своите автомобили возат наоколу и се обидуваат да фатат сигнал на различни места. Граѓаните во земјата се очајни за можноста да испратат СМС-порака или порака на Интернет.

– За поголемиот дел од луѓето, изгледа дека надворешниот свет престанал да постои. Владата направи значаен притисок врз независните медиуми и Мадуро со соработниците ги обвини САД за саботажа на струјната мрежа – велат од „Вашингтон пост“.

За милионите Венецуелци кои ја напуштија земјата поради бројните проблеми, изминатите неколку денови беа дополнително загрижувачки поради фактот што беше невозможно да се остварат контакти со своите блиски. Да бидат работите уште полоши, во голем број семејства, младите луѓе кои се во најдобрите години за работа, се оние кои ја напуштија земјата, поради тоа што се смета дека тие се најспособни да заработат пари и да ги испратат дома. Ова значи дека во Венецуела останале најранливите категории, старите лица, болните и децата. Прекинувањето на снабдувањето со струја им создава двојни проблеми – физички најспособните луѓе не се со своите семејства за да пружат помош, а поради недостатокот на струја тие не можат да примат пари од странство преку електронски трансакции.

Според „Вашингтон пост“, обвиненијата на Владата на Мадуро дека САД ја саботирале електричната мрежа немаат кредибилитет, бидејќи мрежата со децении не била санирана. Прекинувањето на дотокот со струја, особено во помалите градови во Венецуела е вообичаена појава со години. Исклучување на струјата од шест до осум часови дневно е вообичаено за жителите на повеќе места во повеќе помали места, но струјата во секој случај се враќала. Сега, ситуацијата е различна.

Овој прекин е различен од претходно споменатите, поради тоа што сè уште нема официјални информации за тоа што точно се случилно. Некои извештаи велат дека шумски пожар предизвикал оштетување на главните високонапонски линии во земјата, поради што се предизвикала верижна реакција која ја соборила целата електрична мрежа. Доколку тоа е случајот, властите уште го немаат санирано и решено проблемот, кој сега е една од главните причини за суштинско продлабочување на кризата во земјата. Изминатиот викенд, во некои делови од Каракас беше обезбеден пристап до електрична енергија, но само на неколку часа.

– Кризата со прекинувањето на струјата се случува поради тоа што во изминатите 12 години, Владата целосно ја уништи мрежата. По национализацијата на компаниите, таа престана да инвестира во оддржување на централите и линиите, поради што тие бавно се влошуваа и стануваа нестабилни. Инженерите во Венецуела предупредуваа дека вакво нешто ќе се случи доколку на системот не се изврши сервисирање – завршуваат од „Вашингтон пост“.