Венецуела побара Советот за безбедност на ОН да одржи итен состанок за да разговара за наводниот упад на платениците за кој Каракас тврди дека е организиран од САД и Колумбија за соборување на актуелната влада во Венецуела, пренесува ТАСС.

Во своето барање на 14 страници, претставникот на Венецуела во ОН, Самуел Монкада, го известува Советот за безбедност дека „ноќта меѓу 3 и 4 мај 2020 година, вооружени групи платеници и терористи, организирани, обучени, финансирани и заштитени од владите на Република Колумбија и на САД, нелегално упаднаа на територијата на Венецуела “.

– Во таа насока, би сакал да побарам преку вас, како претседател на Советот за безбедност на ОН, тоа тело да одржи итна дискусија што може да бидат неопходна за: да се признае дека агресијата извршена од владите на Богота и на Вашингтон против Венецуела, меѓу 3 и 4 мај 2020 година, беше вооружен напад против мирот и безбедноста на мојата нација и регионот, и да се издаде недвосмислена изјава во која се осудува и забранува употреба или закана од употреба на сила во сите нејзини форми и манифестации против Венецуела – се вели во изјавата.

На 3 мај, венецуелските власти објавија дека успешно спречиле обид за инфилтрирање на платеници што допатувале од Колумбија во обид да организираат пуч во Венецуела и да го убијат претседателот Николас Мадуро. Меѓу уапсените имало и двајца државјани на САД.
Мадуро покажа на националната телевизија дека пасошите им припаѓаат на Ејран Бери и Лук Денман. Првиот од нив во текот на распитот рекол дека имал задача да ја преземе контролата над аеродромот и да го приведе лидерот на Венецуела за да го испратат во САД.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон немал никаква врска со групата уапсени лица во Венецуела и дека САД нема да го сокријат фактот за спроведување операција против земјата ако тоа го испланираат.