Главниот обвинител на Венецуела, Тарик Вилијам Сааб вчера изјави дека американски државјанин кој неодамна беше уапсен во Венецуела е обвинет за терористички заговор за саботажа на рафинерии на нафта со цел да предизвика немири во земјата, пренесува „Њујорк тајмс“.

Сааб пред државната телевизија изјави дека уапсениот имал помош од тројца заговорници, откако тие заедно биле уапсени кај најголемите рафинерии за нафта во Венецуела. Исто така беше откриено и името на осомничениот Американец, Метју Џон Хит.

Властите соопштија дека во нивните телефони биле пронајдени слики кои вклучуваат сомнителни цели, односно голем мост во сојузната држава Зулија, како и воени инсталации и рафинерии за нафта во државата Фалкон. Обвинителот покажа слики од опремата, за која се вели дека е запленета од групата, вклучувајќи фрлач на гранати, пластичен експлозив и торба со американски долари. Хит е обвинет за тероризам, трговија со нелегално оружје и заговор. 

Хит е обвинет за целење на рафинериите Амуај и Кардон – дел од огромниот рафинерски комплекс Парагуана на северниот карипски брег на Венецуела. Сепак, рафинериите престанаа да произведуваат бензин, а Венецуела зависи од пратките од Иран, и покрај тоа што ги има најголемите резерви на нафта во светот.

Претходно во телевизиско обраќање, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, рече дека уапсениот Американец бил маринец кој служел во базите на ЦИА во Ирак.  Ниту Стејт департментот на САД, ниту Белата куќа сè уште не ги коментираа тврдењата на Мадуро. „Асошиејтед прес“ не беше во можност да воспостави контакт со Хит, негов адвокат или роднина што го застапува за коментар во врска со обвинувањата.

Апсењето уследи по неуспешниот упад на плажа од страна на двајца поранешни војници на „зелените беретки“, кои завршија во затвор во мај поради сомнеж дека учествувале во неуспешен обид за соборување на социјалистичката влада на земјата.

Додека администрацијата на Трамп негира дека има каква било врска со упадот во мај, Вашингтон го поддржува венецуелскиот опозицискионер Хуан Гваидо како легитимен лидер на земјата на местото на Мадуро.