Американскиот претседател Доналд Трамп, според експертите, нема голем личен интерес во Јужна Америка, поради што политиката за Венецуела им ја препушти на јастребите во неговата администрација, вклучувајќи ги и потпретседателот Мајк Пенс и Џон Болтон, советникот за национална безбедност

Венецуела ги отфрли барањата од европските земји наскоро да распише нови претседателски избори, како начин за надминување на кризата, која ја доведе земјата на работ од граѓанска војна. Земјата се соочува со бран протести, откако опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се самопрогласи за претседател, обвинувајќи го актуелниот лидер Николас Мадуро дека е нелегитимен. САД, како и повеќе јужноамерикански и европски земји, го признаа Гуаидо за легитимен претседател, додека, пак, Мадуро ја доби поддршката на Русија, Кина и на Турција. Американскиот претседател Доналд Трамп, според експертите, нема голем личен интерес во Јужна Америка, поради што политиката кон Венецуела им ја препушти на јастребите во неговата администрација, вклучувајќи ги и потпретседателот Мајк Пенс и Џон Болтон, советникот за национална безбедност, пренесуваат светските медиуми.

Лидерот на венецуелската владејачка партија, Диосдадо Кабељо, порача дека европските лидери како што е шпанскиот премиер Педро Санчез би требало двапати да размислат пред на Венецуела да ѝ држат предавања за демократија.

– Кој го избра него? Никој не може да дојде и да ни наредува – истакна Кабељо.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, претходно порача дека ќе го признае опозицискиот лидер Гуаидо за претседател доколку Владата не распише нови избори во текот на наредните денови.

Советот за безбедност на ОН одржа вонредна седница, посветена на кризата во Венецуела, и покрај обидот на Русија, Кина, Јужна Африка и Екваторијална Гвинеја, кои безуспешно пробаа да ја блокираат седницата, свикана по барање од САД. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео ги повика сите држави да го поддржат венецуелскиот народ во обидот за она што се нарекува „незаконска мафијашка држава“ на Николас Мадуро. Според него, „хуманитарната ситуација во Венецуела бара дејствување. Тој додаде дека девет од десет граѓани во Венецуела живеат во сиромаштија, додека три милиони биле принудени да се иселат.

– Тоа ги загрози меѓународниот мир и безбедноста – истакна Помпео.
Американскиот државен секретари исто така ги обвини Русија и Кина дека се обидуваат да „го поддржат Мадуро во надежта дека ќе им врати милијарди долари“. Помпео додаде дека е време нациите да изберат страна, бидејќи, како што рече „или сте со силите на слободата, или сте во сојуз со Мадуро и неговиот хаос“.

Во меѓувреме, Владата на Венецуела им дозволи американските дипломати да останат во земјата додека траат преговорите меѓу двете страни, но не подолго од 30 дена. Во средата, Владата му даде на дипломатскиот персонал на САД рок од 72 часа да ја напушти земјата. Венецуелското МНР соопшти дека се спроведуваат преговори за воспоставување канцеларија за интересите на САД во земјата и дека ќе дозволи персоналот на американската амбасада во Каракас да остане во земјата додека траат разговорите. Во соопштението се наведува дека рокот за преговори е ограничен на 30 дена и доколку дотогаш не биде постигнат договор, дипломатите по истекување на рокот ќе мора да ја напуштат јужноамериканската земја.

Од друга страна, Помпео претходно го именува Елиот Абрамс, неоконзервативен републикански инсајдер, за нов специјален претставник на администрацијата на Трамп за политичката криза во Венецуела. Абрамс треба да ги координира сите аспекти на американската кампања за смена на Мадуро.

– Оваа криза во Венецуела е длабока, тешка и едвај чекам да работам – порача Абрамс, кој го придружуваше Помпео на седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Експертите сметаат дека станува збор контроверзна личност, која има мрачно минато поврзано со јужноамериканските земји.

– Елиот Абрамс, како и неговиот неоконзервативен колега, Џон Болтон, верува во користењето сила на САД за соборување режими што Вашингтон не ги сака, а не да преговара со нив. Тој е погрешен човек за функцијата пратеник за Венецуела, бидејќи додека војската му остане лојална на Мадуро, единствениот излез од венецуелската криза е некој вид преговарање – оценува Вилијам Леогранде, професор на универзитетот „Американ“ и експерт за политиката на Јужна Америка и американската надворешна политика.

Леогранде вели дека Куба би можела да одигра клучна улога во преговори за Венецуела, но и Абрамс и Болтон имаат долга историја на клевети за Куба.

– Абрамс, како помошник-државен секретар за Јужна Америка додека беше претседател Џорџ В. Буш, се спротивстави на тоа да ѝ дозволи на Куба да се приклучи на разговорите спонзорирани од САД помеѓу Ангола и Јужна Африка во доцните 1980-ти, со одложување на крајот на војната во Ангола со години – вели тој.

Во контроверзното минато на Абрамс во регионот е впишано и неговото учество во злоупотреба на човековите права од страна на централноамериканските влади блиски на САД, додека служеше во Стејт департментот во мандатот на претседателот Роналд Реган.