Властите нема да дозволат влез во Велика Британија на осомничените за смртта на
саудискиот новинар Џамал Кашоги, изјави денеска британската премиерка Тереза
Меј.

– Министерот за внатрешни работи презема активности да ги спречи сите осомничени да влезат во Обединетото Кралство, а ако тие лица имаат визи, истите ќе бидат поништени денеска – наведе Меј.

Таа додаде дека очекува во текот на денот да разговара со саудискиот крал Салман.

Во меѓувреме, портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт истакна дека германската Влада ги разгледува можностите како да постапи со веќе одобрениот, но се уште нереализиран извоз на оружје за Саудиска Арабија.

Германската канцеларка Ангела Меркел завчера се закани дека ќе ги стопира сите достави на германско оружје за Саудиска Арабија, ако не се разјасни убиството на Кашоги.