Велика Британија ќе им забрани влез на мигрантите кои не зборуваат англиски и на неквалификувани работници во странство, според планот за имиграција по брегзит претставен од владата, пренесува „Спутник“.

Во планот се апелира до бизнисите веќе да не се потпираат на евтина работна сила и наместо тоа да инвестираат во автоматизација и задржување на персоналот. Властите посочуваат дека со намалувањето на целокупната миграција во Велика Британија се реализираат предлозите за брегзит што ги бара гласачкото тело, а истовремено се исполнуваат и ветувањата дадени пред последните избори.

Владата претходно соопшти дека сака да го прифати австралискиот имиграциски систем базиран на поени според кој мигрантите би се рангирале според одредени критериуми – јазични вештини, квалификации и работно искуство, при што се фаворизираат висококвалификувани апликанти.

Според новиот план, мигрантите кои сакаат да работат во Велика Британија мора да зборуваат англиски и да имаат понуда за квалификувана работа. Ова ќе им донесе 50 бода, но за да можат да работат во Велика Британија, ќе треба да имаат 70, а бодови ќе се доделуваат за квалификации, за работа во сектор во кој има недостиг од работници, или за докторат по предмет релевантен за работата.

Владата постави и праг за плати. Така, секој што сака да работи во Велика Британија, мора да има годишна плата од 25.600 фунти (33.000 долари) иако и луѓето што заработуваат основна плата од 20.480 фунти би биле прифатливи ако има недостиг од нивните вештини. Според списокот на Советодавниот комитет за миграции, постои недостиг од градежни инженери, лекари, медицински сестри, психолози и од класични балетски танчери.

Британските власти соопштија дека работниците од ЕУ и оние што не доаѓаат од ЕУ ќе бидат третирани на ист начин откако на 31 декември ќе заврши слободното движење Велика Британија-ЕУ.

Планот на владата предизвика остра осуда од бизнис лидерите, синдикатите и од опозицијата. Британскиот синдикат „Унисон“, кој ги претставува здравствените работници, рече дека системот предизвикува апсолутна катастрофа за секторот за нега, а портпаролката за внатрешни работи на либералдемократите, Кристин Жардин, рече дека планот се заснова на ксенофобија.

Тие сметаат дека предлогот на владата ќе резултира со загуба на работни места и затворање на фабрики. Сепак, секретарот за внатрешни работи, Прити Пател рече дека новиот систем за имиграција ќе се погрижи во Велика Британија  да доаѓаат само најпаметните и најдобрите.