Велика Британија и Франција ги повлекоа бродовите од водите кај островот Џерси во Ла Манш по спорот околу риболовот. Портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон потврди дека француските рибарски бродови се повлекле од водите кај Џерси и се вратиле во Франција, а и Велика Британија исто така ги повлекла бродовите на Кралската морнарица. Тој рече дека Џонсон е многу задоволен од таквиот развој на настаните.

Во соопштението се вели дека властите во Џерси имаат право да го регулираат риболовот во нивните води според трговскиот договор што Велика Британија го има со ЕУ и дека Велика Британија ги поддржува во тоа. Островот Џерси не е дел од Велика Британија и има своја администрација и законодавство, но е во сопственост на британската круна.

Спорот изби околу новите дозволи за риболов на француските рибари кои вклучија некои нови услови, што ги разгневи француските рибари и владата. Париз го пријавил ова до Европската комисија, тврдејќи, како што објави „Ројтерс“, дека овие нови услови биле наметнати еднострано, без договор и дека се нефер кон француските рибари.

Француската министерка за поморска политика, Аник Жирардин, алудираше дека Франција затоа може да го прекине снабдувањето со електрична енергија во Џерси. Спорот ескалираше вчера откако 50-ина француски рибарски бродови го блокираа пристаништето Сент-Хелиер, главниот град на Џерси. Двете земји потоа претпазливо испратија воени бродови во областа. Островот Џерси е оддалечен само 23 километри од францускиот брег и 140 километри од британскиот.