Велика Британија и Европската унија треба да изградат тесно партнерство во безбедноста по Брегзит, за да спречат напади на екстремистите од Исламска држава и злонамерни обиди на Русија да ги поткопа западните демократии, изјави шефот на британската служба за внатрешна безбедност и контраразузнавање МИ5, Ендрју Паркер.

Експертите оценуваат дека Велика Британија, како важна разузнавачка сила во Европа, со ова бара нов сојуз за безбедност со блокот, за да си обезбеди пристап до тајни информации од главните земји членки на ЕУ.

Паркер денеска ќе одржи прв јавен говор надвор од Велика Британија, и тоа на настан во Берлин, организиран од германската служба за внатрешно разузнавање, Федералната канцеларија за заштита на Уставот (БфВ).

Во својот говор, чиј текст веќе е објавен, покрај заканата од Исламска држава во Сирија и Ирак, Паркер ќе ја посочи и Русија како „непријателска држава“, која се обидува да изврши „агресивни подмолни активности“ преку своите воено-разузнавачки служби.

Тој го обвинува Кремљ за „нарушување на меѓународните правила“ наведувајќи го нападот врз таткото и ќерката Срипал како пример за малициозни дејствија на Русија, кои ризикуваат да ја претвпрат земјата во „изолиран отпадник“.