Британскиот премиер Борис Џонсон и принцот Хари вчера го посочија Обединетото Кралство како идеален деловен партнер за Африка, додека нивната земја се подготвува за справување со периодот по брегзит.

Велика Британија се соочува со тешки предизвици, додека се обидува да се наметне на континентот кој е меѓу неколкуте најбрзорастечките економии во светот.

Помал број од 54-те шефови на држави или влади на Африка присуствуваа на првиот самит за инвестиции Обединето Кралство – Африка, во споредба со десетици кои присуствуваа на првиот самит Русија – Африка минатата година, или на собирите што редовно ги одржува Кина.

Одделот за меѓународна трговија на Обединетото Кралство објави податоци според кои меѓусебната трговија со Африка во вториот квартал на 2019 година достигнала 46 милијарди долари. Во меѓувреме, трговијата на Африка со Кина, како најголем трговски партнер на континентот, била 208 милијарди долари во 2019 година.

Џонсон им кажа на присутните на конференцијата дека таа требала да се „случи многу порано“. Тој призна дека британските власти и компании треба да работат за да ги убедат африканските нации да вршат бизнис со нив.

– Не ни е од бога дадено правото на тој бизнис. Ова е конкурентен свет. Можеби имате додворувачи – рече тој.

Велика Британија треба да ја напушти Европската унија на 31 јануари, а Џонсон рече дека Обединетото Кралство ќе стане „глобална нација за слободно тргување“ по брегзит. Тој вети дека системот за имиграција по брегзит ќе ги „стави луѓето пред пасошите“, признавајќи дека че има слична фрустрација и во Африка.
Додека другите глобални сили, вклучително и нациите од Заливот и Индија, го зголемуваат своето дипломатско и економско присуство во Африка, некои набудувачи се прашуваат за интересот на поранешниот колонизатор Велика Британија.