Велика Британија викендов ќе биде погодена од најсилната бура од 2013 година, наречена „Киара“, а британската метеоролошка служба издаде предупредување дека невремето би можело да биде „опасно по живот“.

Како што пренесе „Индипендент“, невремето се очекува да донесе со себе силен ветер од 80 до 96 километри на час.

Во некои делови се очекува ветрот да достигне и јачина од 128 километри на час, што претставува ризик од повреди што можат да ги нанесат предмети носени од ветерот.

Невремето, исто така, се заканува дека би можело да ги оштети зградите и да предизвика големи бранови на брегот.

Обилните врнежи од дожд се очекува да предизвикаат поплавување во северните делови на Англија и Велс.

Метеоролошката служба издаде низа предупредувања, кои ќе важат од сабота навечер до вторник попладне, за да се осигура дека јавноста ќе биде подготвена на нарушувања во сообраќајот и другите услуги.