Руската активистка Марија Бутина, уапсена минатиот месец за наводна шпионажа во корист на Москва, била во контакт со Џефри Гордон, поранешени член на кампањата на Доналд Трамп, објави синоќа „Вашингтон пост“.

Според весникот, повикувајќи се на извори од Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, Бутина се запознала со Гордон откако тој го напушил тимот на Трамп во август 2016 година. Тие се сретнале на забава во резиденцијата на амбасадорот на Швајцарија и потоа се допишувале по електронска пошта.

Таа го поканила Гордон на групна вечера организирана од Џорџ О’Нил јуниор, наследник на династијата Рокфелер. Потоа, Гордон сам ја повикал Бутина на концерт на групата „Стикс“ во Вашингтон и ја поканил на забава по повод неговиот роденден.

– Според тоа што го читам, откако таа е уапсена, ми се чини дека сагата со Марија Бутина е сензација за ловење интерес по порталите со намера да се наклеветат што поголем број на републиканци и членови на Националната асоцијација за оружје со кои таа се среќавала во последните неколку години, изјави Гордон за весникот.

Марија Бутина беше задржана од полицијата на 15 јули, а уапсена три дена подоцна. Обвинителството ја товари дека работела како нерегистриран странски агент со тоа што остварувала контакти во полза на можни средби помеѓу претседателите на САД и Русија и се обидувала да влијае на клучни донатори на Републиканската партија за унапредување на руските интереси во САД.