Со извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, до крајот на годината се очекува да се продолжи забраната за влез за одредени странски работници, вклучувајќи ги и оние што се вработени во технолошката индустрија, а истата одлука ќе се однесува и на издавањето на зелените карти и ќе влијае врз околу 525.000 странски работници

Доналд Трамп со нов сет мерки за имигрантите

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за забрана за влез за одредени странски работници, вклучувајќи ги и оние што се вработени во технолошката индустрија, бидејќи Соединетите Американски Држави се справуваат со масовна невработеност предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Како што пренесуваат западните медиуми, извршната наредба ќе трае до крајот на годината и се очекува да влијае врз околу 525.000 странски работници, вклучувајќи ги и оние што ги користат технолошките компании и мултинационалните корпорации, каде што истовремено ќе продолжи и забраната за издавање на зелените карти.
– Во имиграцискиот систем на нашата нација, мора да останеме свесни за влијанието на странските работници врз пазарот на трудот во Соединетите Американски Држави, особено во сегашното вонредно опкружување на голема домашна невработеност и намалена побарувачка за работна сила – напиша Трамп во својот претседателски проглас.

Томас Хоман, поранешен директор на Службата за доселување и царина, по неодамнешната објава на твитот на Трамп изјави дека одлуката е донесена како неопходна заштита на земјата од пандемијата.
– Не станува збор вистински за доселување. Во прашање е пандемијата и неопходноста за поголема безбедност на нашата земја, а истовремено и за заштита на шансите на невработените Американци – рече Хоман.
Од друга страна, пак, американските граници всушност се одамна затворени, пишува „Дојче веле“. Според германскиот медиум, туристичките и долгорочните деловни визи во САД не се сметаат за доселенички визи. Во последнава категорија спаѓаат првенствено визите за временски неограничен престој, одредени работни визи и дозволите за престој за брачни партнери или членови на семејства на американски државјани.

Во текот на изминатите месеци, поради пандемијата на коронавирусот, Трамп веќе издејствува затворање на границите кон Мексико и Канада. Сите луѓе што се фаќани на јужната граница во меѓувреме итно се депортираат во нивните татковини, дури и барателите на азил. Покрај тоа, американската влада издаде забрана за влез за сите Европејци. Освен тоа, од крајот на март САД речиси воопшто не издаваа влезни визи. Амбасадите и конзулатите засега ги обработуваат барањата за виза само во итни и поединечни случаи, соопшти американското министерство за надворешни работи, со напомена дека не може да се предвиди кога повторно ќе започне нормалната работа.

Критичарите ја гледаат оваа нова политика на Трамп како обид да се одвлече вниманието од неговиот одговор на пандемијата на коронавирусот, во обид да биде реизбран во ноември годинава. Новата наредба е всушност проширување на претходното ограничување за странските работници воведени во април, кога невработеноста се зголеми како резултат на рестрикциите поради коронавирусот.
Американскиот претседател Трамп во 2016 година всушност ги доби изборите благодарение на своето ветување дека ќе го запре напливот на мигранти со изградба на ѕид на американската граница со Мексико. Во првите три години од својот мандат, тој воведе повеќе мерки за ограничување на илегалното, но и за легалното влегување во земјата.