Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е подготвена да го размени талибанскиот лидер Башир Нурзаи за американскиот државјанин Марк Фрерич кој беше киднапиран минатата година, објавува „Њузвик“.

Нурзаи беше уапсен во Њујорк и обвинет за трговија со дрога во 2005 година, за време на патување во кое се обиде да ја унапреди дипломатијата меѓу неговата земја и САД. Тој служи доживотна казна затвор во Њу Хемпшир. Фрерич, пак, беше киднапиран во јануари минатата година, од страна на групата „Хакани“, чии членови оперираат на територијата на Авганистан и Пакистан. Вашингтон е подготвен за размена на заложниците, но прво инсистира талибанците да докажат дека Фрерич е жив.

– Ние сакаме да изнајдеме начин и да го вратиме Фрерич дома. Но, тоа се заснова на добивање доказ дека тој е жив – изјави за „Њузвик“ официјален претставник на американската влада.

Оваа размена е поддржана и сестрата на Фрерич, Чарлин Цакора, која иако ја знае репутацијата на Нурзаи како дилер на дрога, смета дека животот на нејзиниот брат е повреден од затворската казна на човек кој поминал 16 години зад решетки.

– Талибанците го бараат ослободувањето на Нурзаи со години, додека нашето семејство го сака назад Марк. Војната завршува и тие заслужуваат Нурзаи да биде вратен онака како што ние заслужуваме да го имаме Марк назад – изјави Цакора, која ја повика администрацијата на Бајден да делува што е можно побрзо и да се обиде да ги обезбеди потребните материјали за да го забрза преговарачкиот процес.

По падот на Кабул, американските владини претставници постојано се во контакт со талибанците со цел да продолжи евакуацијата на американските државјани и нивните сојузници, кои служеа за време на дводецениската воена кампања на САД во земјата.

– Основата на сите преговори и зделки за размена на заложници е доказ за живот –  изјави поранешен висок американски функционер, кој додаде дека е воспоставен процес за добивање таков доказ за случајот со Фрерич.