Ватикан протестира против италијанскиот нацрт-закон за борба против хомофобијата, наведувајќи дека тој нацрт-закон, во сегашната форма, може да ја ограничи верската слобода на Католичката црква во Италија.

Протестната нота, која за првпат ја објави весникот „Кориере дела сера“ и која ја потврди претставник на Ватикан, била испратена од министерот за надворешни работи на Ватикан на 17 јуни на адреса на италијанската амбасада при Светата Столица.

Протестот е направен поради таканаречениот „закон на Зан“, именуван по Алесандро Зан, законодавецот на Демократската партија, со хомосексуална ориентација. Законот помина во долниот дом на италијанскиот парламент и во моментов се дискутира во комитет во Сенатот.

Ватикан верува дека законот, како што е напишан во моментов, го крши Латеранскиот пакт од 1929 година, кој Ватикан ја утврдува како суверена држава и ги регулира односите меѓу Ватикан и Италија.

Ватикан стравува дека законот, во сегашната форма, може да доведе до криминализација на црквата во Италија поради одбивањето да се склучуваат хомосексуални бракови, спротивставувањето на тоа геј двојките да посвојуваат деца или поради одбивањето да се предава родова теорија во католичките училишта, посочил извор од Ватикан.