Ватикан нареди да се отворат и пребараат два гроба во обид да се разреши случајот на мистериозното исчезнување на тинејџерката Емануела Орланди пред 36 години, пренесува Си-ен-ен.

Орланди имала 15 години на денот на исчезнувањето во 1983 година. Таа е ќерка на истакнат работник во Институтот за религиски дела, или попознат како Ватиканската банка. Последен пат била видена за време на часовите по музика кои се одржувале во базиликата на Св. Аплолинаре во Рим.

Овој вторник, Џанпјеро Милано, ватиканскиот правен застапник, овласти две ексхумации како одговор на петицијата и барањата на нејзиното семејство кое верува дека Орланди е закопана на Тевтонските гробишта во Ватикан.

Адвокатот на семејството добил анонимна дојава која укажува дека „треба да бараат онаму каде што ангелот посочува“, објави италијанската новинска агенција АНСА.

Дојавата ги доведе до ѕид на Тевтонските гробишта на кој има ангел кој посочува кон гробови. Гробовите ќе бидат отворени на 11 јули, изјави во вторникот портпаролот на Ватикан, Алесандро Визоти. Тој изјави дека коските кои ќе бидат најдени за време на истрагата ќе бидат подлежени на ДНК-анализа. Но, за да се отворат двата гроба, ќе биде потребна и макотрпна работа од ватиканската жандармерија и ватиканските работници.

Тевтонските гробишта се наоѓаат веднаш до базиликата на Свети Петар. На нив се закопани телата на членовите на швајцарската гарда кои загинаа за време на одбраната на Ватикан против силите на Новото кралство на Италија во 1870 година.

Исчезнувањето на Орланди ја разгневи италијанската јавност и создаде многу теории на заговор, а вината беше посочена од членовите на мафијата, па сѐ до Ватикан, како главен виновник за исчезнувањето.

Во 2005 година, италијански детектив доби анонимен совет дека Орланди била киднапирана по наредба од тогашниот викар на Рим, кардиналот Уго Полети, и дека тајната за целата мистерија се наоѓа во гроб во базиликата на Св. Аполинаре, поточно  гробницата во која е закопан мафијашот Енрико Ренатино Де Педис, кој беше убиен во 1990 година.

Ова не е првпат името на Де Педис да биде поврзано со случајот на Орланди. Во 2008 година, неговата љубовница тврдеше дека Де Педис е поврзан со киднапирањето на Орланди, а нејзиното тело е погребано во темелите на имот кој се наоѓа во предградието на Рим.

Но, откако била направена истрага, се утврдило дека градбата е подигната пред да се случи исчезнувањето на Орланди. Гробот на Де Педис исто така беше пребаран во 2012 година, но не донесе дополнителни резултати во истрагата.

Подоцна, во 2018 година, човечки останки беа пронајдени на земјиште кое е во сопственост на Ватикан, разгорувајќи ги повторно шпекулациите дека Орланди конечно е пронајдена. Но ДНК анализата потврди дека, за жал, не станува збор за исчезнатата девојка.