Претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен денеска реагираше на одлуката на австриската Влада да се повлече од Договорот на ОН за миграција, истакнувајќи дека тоа ќе се одрази на угледот на земјата.

Ван дер Белен, преку Фејсбук, порача дека се надева оти Владата ќе направи се за да се спречи загрозувањето на угледот и веродостојноста на Австрија на меѓународно ниво.

Тој го поздрави глобалниот Договор за миграција, во чие изготвување, како што потсети, учествуваше и Австрија.

Австрискиот претседател тврди дека Договорот не содржи задолжителни мерки за државите, туку само разумни предлози, како достоинствено да се соочат со глобалниот предизвик на миграцијата.

– Големите предизвици на нашата ера, од климатската криза преку геополитичките конфликти и трговските војни, до миграцијата, не можат да бидат решени самостојно од државите. Потребна ни е мултилатерална соработка – нагласи Ван дер Белен.

Тој додаде дека австрискиот пат, иако Владата донела одлука, е да се остане во разговорите.

Ван дер Белен најави дека ќе разговара со канцеларот Себастијан Курц и шефицата на дипломатијата Карин Кнајсел во обид да види што може да се направи Австрија да го задржи доброто ниво на разговори со меѓународните партнери за глобалните предизвици.

Тој потсети дека Австрија е седиште на бројни меѓународни организации и уште еднаш потенцира дека не смее да се загрози угледот на земјата.