Австрискиот претседател Александар ван дер Белен апелираше на трпеливост во однесувањето со Русија.

-Мораме да имаме нешто што е заедничко за Русите и Австријците, а тоа е трпеливоста. Ништо не донесува очекувањето дека многу тешки проблеми може да се решат за пет минути- истакна Ван дер Белен пред денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој, во изјавата за австриската телевизија ОРФ, ги критикуваше САД, велејќи дека нормалната дипломатија предвидува заеднички разговори и обид да се стави во „кожата на другиот”.

-Сепак, постојат земји кои не го следат овој пат, и јас не мислам дека тоа е добро- рече Ван дер Белен, алудирајќи на американската администрација.

Австрискиот претседател денеска ќе се состане во Сочи со шефот на руската држава, а за време на неговиот работен состанок, како што најави, ќе стане збор за меѓународни прашања, како што се Кина и Иран.

Потоа, Ван дер Белен и Путин ќе отворат билатерален форум за дијалог на граѓанското општество „Сочи дијалогот”.