Животот со пандемијата го менува начинот на кој функционираат државите. Ако до неодамна природните ресурси како нафтата, гасот или водата беа главен адут за ширење на геополитичкото влијание, но и за тргување меѓу државите во светот, сега постепено но сигурно вакцините против ковид-19 го преземаат приматот. Имено, во последните неколку дена светските медиуми забележуваат дека големите моќни држави што располагаат со лекот против коронавирусот, преку дистрибуцијата на вакцините, отворено се обидуваат да решат некој долгогодишен проблем со неистомислениците, да наметнат влијание и да ги принудат државите купувачи на идеологија што е неприфатлива за нив.
Еден од последните во низата примери за трговија наместо помош со вакцините е и случајот со Израел и со Сирија. Имено, како што пренесува АП, официјален Тел Авив неодамна ѝ платил 1,2 милион долари на Русија за да обезбеди антиковид вакцини за сириската влада, како дел од договорот со кој Сиријците се обврзаа да ослободат Израелка што е заробена во Дамаск.

Вакцина-дипломатијата опасност за светскиот поредок

Ваквите информации што излегоа во јавноста наидоа на остра реакција кај аналитичарите, кои водењето дипломатија со заштитните маски од почетокот на корона-кризата и сега со продажбата на вакцините за наметнување одредено влијание, го опишуваат како опасно и велат дека доколку продолжи ваквата практика, може да му наштети на светскиот поредок.
– Условите на тајна трговија меѓу две непријателски земји што ги организира Москва остануваат нејасни. Но факт е дека Израел ѝ овозможува вакцини на непријателска Сирија, која исто така соработува со непријателските сили на Иран, што предизвика критики во израелската јавност. Со ова се дефокусира вниманието на одвивањето на Израел да обезбеди значителни количества дози за милиони Палестинци што живеат на Западниот Брег од појасот Газа и се отвора нова дилема дали земјата отворено наметнува свое влијание наместо да помага – се наведува во текстот на АП.

Западот под влијание на Истокот?

Но ова не е прв случај на ширење на влијанието на моќните држави преку вакцините. Угледниот магазин „Политико“ на истава тема пишува дека во Украина и во Белорусија вакцинацијата против коронавирусот не е само обично здравствено прашање. Двете држави станаа бојно поле со геополитички влогови, додека Русија и Кина ги промовираат своите вакцини во држави што не можат да си ги дозволат поскапите западни опции. Украина, која категорично одби да ја набави руската вакцина, за да не ѝ даде простор на Москва за можно безбедносно влијание, размислува да склучи договор за набавка со Кина. Од друга страна, соседна Белорусија целосно се потпира на руската вакцина.
– На светско ниво, пласирањето на вакцините од овие две држави предизвика контроверзии, а на почетоците ниту една од нив не беше одобрена од американските или европските регулаторни тела. Но тоа не ги спречи тие да го понудат својот производ надвор од Западот – оценува „Политико“.

Во овој контекст интересна за обележување е и последната дипломатска разврска меѓу Израел и Чешка по донациите на вакцини од Тел Авив за чешките власти минатата недела. Како што пренесува „Еурактив“, Чешката Република доби 5.000 дози од вакцината „модерна“ како донација од Израел, само еден ден откако чешката влада донесе одлука да го отвори своето ново дипломатско претставништво во Ерусалим. Иако официјалните власти во Чешка соопштија дека нема никаква врска отворањето на амбасадата во Ерусалим со донацијата на Израел на вакцините, сепак, аналитичарите овој чекор го оценија како класична дипломатска трговија на влијание преку вакцини.
Во исто време, израелските медиуми објавија дека заедно со Чешка, Хондурас и Гватемала, исто така добиле ограничено количество вакцини од Израел.
За возврат, според пишувањата, Хондурас има намера наскоро да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, како што го стори тоа Гватемала минатата година.