Германските медиуми пишуваат дека сосема е можно наскоро двете водечки фармацевтски компании што ја создадоа вакцината против коронавирусот со 90 отсто ефикасност, „Бионтек“ и „Фајзер“, да стигнат до револуционерно медицинско решение и за некои форми на карцином преку користење нов тип антитела

Охрабрувачки научни достигнувања во медицината

Додека светот ја чека вакцината против ковид-19, со големиот пробив на научниците во битката против пандемијата би можело да се дојде и до непосакуваниот првичен резултат односно до пронаоѓање евентуална вакцина и против рак, но и против други заболувања кај човештвото. Ваквото стојалиште деновиве е актуелно во светската јавност откако двете водечки фармацевтски компании што ја создадоа вакцината против ковид-19 со 90 отсто ефикасност, „Бионтек“ и „Фајзер“, порачаа дека тие се чекор напред во можното решение за светската пандемија, но и за други човечки заболувања. Имено, овие две компании велат дека токму преку изработката на вакцината против коронавирусот користеле досега неодобрена технологија позната во научните кругови како информациска РНК (рибонуклеинска киселина), метод што предизвикува имунолошка реакција кај луѓето и ќе може во иднина да се користи во терапиите против канцер, но и против други посериозни заболувања кај луѓето. Достигнувањето на „Бионтек“ во соработка со „Фајзер“ не само што ќе го одреди почетокот на крајот на корона-кризата туку исто така може радикално да го промени пристапот во развојот на вакцини за други заболувања, пишува германски „Шпигел“.

Технолошки пробив

Како што наведува угледниот магазин, луѓето што на овој начин ќе добијат серуми развиени со ваквата технологија всушност добиваат инјекција со спакувана молекула што содржи структура во форма на информациска РНК (иРНК). Овие молекули, според „Шпигел“, се апсорбираат во клетките на телото, каде што иРНК ги стимулира да создаваат одреден протеин што потоа телото го смета за „туѓ“ и како резултат на тоа го напаѓаат клетките на имунолошкиот систем, кој потоа развива имунитет односно антитела. Токму истражувањето во оваа технологија трае веќе со децении поради можната ефикасност во борбата против разни видови болести, меѓу кои и карцином. Сега, во борбата против вирусот САРС-Ков-2, „Бионтек“ и „Фајзер“ очигледно ја докажаа нејзината успешност, наведува медиумот. Имунологот Николас Џексон од Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност, која е меѓународен сојуз за унапредување на истражувањето за вакцини за германските медиуми, порача дека „ако нема никакви пречки, позитивниот резултат може да биде почеток на нова ера во обидите да се користат технологии на иРНК во врска со заразните болести.

Вакцина против карцином?

Во меѓувреме, по охрабрувачкиот почеток, во областа беа забележани малку постигнувања, а причината беше тоа што иРНК се покажа како екстремно нестабилна и честопати се распаѓаше веднаш откако се инјектираше во телото или целосно исчезнуваше. Целта беше да употребат молекуларни трикови за да се спакува иРНК на таков начин што ќе може лесно да навлезе во клетките без да се оштети. Норберт Парди, доцент доктор и истражувач на Универзитетот во Пенсилванија, вели дека само во последните 10 години техничките иновации и финансирањето во истражувањето ја трансформираа иРНК во „ветувачка терапевтска алатка“.
– Поддршката за овој метод од светските влади мора да продолжи независно од исходот со пандемијата – вели Парди. Од друга стана, медицинската експертка Озлем Туреџи и нејзиниот сопруг Угур Шахин учествуваа токму во ова истражување. На почетокот двојката се надеваше да пронајде подобрени методи за лекување од тумори, а првично сонуваше да создададе вакцина против канцер. Тие споредуваа здраво со абнормално ткиво на пациент со карцином за да ги издвојат туѓите клетки.
– Турската двојка успеа да создаде иРНК што содржи структура токму наменета за туѓите клетки и понатаму ја подобри, така што тие двајцата целеа токму кон овие клетки во телото. Во своите тестирања медицинските научници кај пациентите забележаа дека имунолошкиот систем реагирал кај сите пациенти. Трикот е во тоа што секој пациент ќе може да добие посебно изработена иРНК според генетскиот профил на карциномот во однос на неговиот моментален здравствен организам, па иРНК ќе може да предизвика антитела и да ја совлада болеста – вели Парди.

Околу 1,3 милијарда дози

Инаку, турско-германските научници Туреџи и Шахин практично прекуноќ во јануари влегоа во трката за производство на вакцина против коронавирусот кога сфатија колку станува сериозна пандемијата. Врз основа на генетиката на вирусот, со нивниот тим успеаја брзо да развијат 20 можни вакцини и почнаа да ги тестираат на лабораториски животни, за да изготват можни серуми. Откако тестирањето влезе во третата фаза на доброволци и понатамошна анализа, се покажа дека вакцината создала „над 90 отсто заштита“. Дополнително, покрај тоа што вакцината се чува и пренесува на минус 70 степени и една доза чини речиси 20 долари во САД додека се чека нејзиното одобрување, компаниите „Бионтек“ и „Фајзер“ речиси ги распродадоа првите количества на вакцината, а веќе во наредната година планираат да произведат 1,3 милијарди дози од неа.