Џо Бајден кажа дека ќе ги земе предвид советите на научниците за прашањето дали да прими вакцина против ковид-19

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот ривал на претстојните избори Џо Бајден изнесоа меѓусебни обвинувања за политизација на вакцината против ковид-19, заканувајќи се да ја урнат довербата на јавноста во вакцината, која ќе биде потребна за вршење на имунизација откако таа ќе стане достапна, пишува „Фајненшл тајмс“.

На прес-конференција во Белата куќа, Трамп кажа дека би било опасно за САД ако луѓето ја слушаат загриженоста што ја изразија Бајден и неговата кандидатка за потпретседателка Камала Харис во врска со потенцијалната вакцина.

– Бајден и неговата многу либерална кандидатка за потпретседател… би ја уништиле оваа држава и оваа економија. Тие треба веднаш да се извинат за нивната неодговорна реторика против вакцината. Тие загрозуваат животи и ја подриваат науката – кажа Трамп.

Сенаторката на Демократската партија, Харис, истакна дека не би му верувала на зборот на претседателот кога би тврдел дека вакцината против ковид-19 е безбедна, ефективна и подготвена за употреба од страна на јавноста.

 – Не би му верувала на Доналд Трамп и би бил потребен кредибилен извор на информации за ефикасноста и за веродостојноста во врска со она за што тој зборува – изјави Харис за Си-ен-ен.

Трамп посочи дека неодамна зборувал со водечките луѓе на фармацевтските компании „Џеј енд Џеј“ и „Фајзер“ кои развиваат вакцини против ковид-19, сугерирајќи дека вакцина би можела да биде подговтвена до октомври, во пресрет на претседателските избори на 3 ноември.

Бајден, пак, во рамки на кампањата во Пенсилванија кажа дека ќе ги земе предвид советите на научниците за тоа дали да прими вакцина против ковид-19, а во врска со прашањето дали му верува на водечкиот епидемиолог Ентони Фаучи нагласи дека би му била потребна „потполна транспарентност“. Бајден претходно го обвини Трамп дека „ја подрива довербата на јавноста“ и дека „си игра политика“ со изгледите за вакцина, со цел да ја подобри неговата кампања.

Справувањето на САД со пандемијата беше чест предмет на политичките дискусии, а успешната вакцина се смета за клучна за отворање на економијата без ризик за понатамошни инфекции. За вакцината успешно да делува треба да ја примат доволно луѓе за да се создаде имунитет во популацијата. Последните анкети покажуваат дека помеѓу една четвртина и една третина од Американците не би ја примиле вакцината. Ваквата политичка борба доаѓа откако американските здравствени власти најавија дека се подготвени за брзо одобрување на вакцината.