Вакцината против коронавирусот, на која работат израелските научници, ќе биде подготвена за тестирање за неколку недели, но нема да биде достапна со месеци заради долгото и понекогаш бирократско тестирање и одобрување.

Ова го објави член на научниот тим, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Како што наведе порталот, државниот институт „Мигал Галиле“ работи веќе четири години на вакцина што може да се користи за различни типови вируси и би можела да се прилагоди на вирусот „Ковид-19“.

Членот на медицинскиот тим, Хан Кац, изјави за порталот дека оваа нова орална вакцина, наменета за возрасни и деца, би можела да ги ублажи симптомите на вирусот и да ги претвори во „многу блага настинка“, а многумина би поминале без никаков симптом.

Вакцината ќе содржи специјално произведени протеини.