Основачот на „Викиликс“ ја напушти судницата со стисната тупаница

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, беше осуден на затворска казна во траење од 50 седмици од судот во Лондон, поради кршење на прописите за условна слобода пред речиси седум години, по што се криеше во амбасадата на Еквадор во британската престолнина, пренесува Би-би-си.

Асанж, кој беше уапсен од амбасадата минатиот месец, носел црна јакна над сива дуксерка.

По пристигнувањето во Судот, Асанж го потврди своето име. Во писмо прочитано пред судот, Асанж посочи оти се „мачи со тешките околности со кои се соочува“, извинувајќи им се на оние „кои сметаат дека кон нив изразил непочит“.

– Го сторив тоа што мислев дека е најдобро во тоа време или можеби единственото нешто што можев да го сторам – кажа основачот на „Викиликс“. 

Асанж високо кренал стисната тупаница кон неговиоте поддржувачи во судницата, во знак на непокор, кога бил одведен во притвор. Тие возвратиле со ист гест, извикувајќи дека судот треба да биде засрамен.

Асанж беше осуден минатиот месец поради неисполнување на условите за кауција, бидејќи неговата екстрадиција во Шведска беше наредена под обвинение за силување. САД, исто така, го обвинија за учество во еден од најголемите шпионски скандали.